Zeynep Duyar
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека земјата е енергетски мост којшто ги спојува Блискиот Исток, Русија и Каспискиот регион со Европа, и оти тоа е место низ коешто минуваат најважните гасоводи во светот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред учесниците на 22. Светски конгрес за нафта во Истанбул, Рама најави дека од 2020 година, енергентите од Каспиското Море, преку Албанија ќе одат до Европа.
На конгресот, чиј глобален медиумски партнер е АА, Рама изјави дека енергетскиот пазар во Албанија, во последниве години има постигнато голем напредок.
„Побарувачката на енергија во светот расте секој ден. Треба заедно да бараме сигурни и различни начини за задоволување на тие потреби. Одржавме значајни средби и со приватниот сектор, со кој соработката е важна. Енергетиката е еден од стратешките сектори за Албанија“, порача Рама.
Тој нагласи дека Албанија сака да се интегрира на регионалниот енергетски пазар на земјите од Западен Балкан и Европа, и оти енергетската стабилност сама по себе наметнува регионална соработка.
„Направени се нови ископувања на земјиштето во Албанија. Сè укажува на тоа дека ова е вистинското време за да се инвестира во нафтената и гасната индустрија во Албанија“, заклучи Рама.