Gökhan Ergöçün
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Фондацијата на турскиот технолошки тим, Селџук Бајрактар, денес изјави дека технолошките достигнувања треба да бидат наменети за мирот и благосостојба на човештвото, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Платформите на социјалните медиуми имаат за цел да ги запознаат луѓето едни со други, но во моментов се претвораат во неконтролирана моќ под неколку монополизирани компании“, рече Бајрактар за време на започнувањето на најголемиот турски настан од областа на аеронаутиката и технологијата - „Текнофест“.
Настанот ќе биде одржан во периодот од 21 до 26 септември на Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул.
Бајрактар истакна дека овие компании сакаат единствен пребарувач, само една платформа за социјални медиуми и само една веб-страница за е-трговија.
„Ако се држиме настрана од производството на технологија гледајќи ја оваа ситуација, ќе им го дадеме нашиот суверенитет на компаниите“, нагласи тој.
Споменувајќи го „Национално технолошко движење“ на земјата, тој рече дека Турција ќе има целосна независност во неколку области благодарение на оваа иницијатива.
- Текнофест 2021 -
Осврнувајќи се на настанот „Текнофест“, тој рече дека бројот на натпревари и натпреварувачи се зголемува секоја година.
„Околу 50.000 млади лица се пријавија на натпреварите, минатата година оваа бројка се искачи на 100.000 од 84 земји“, истакна Бајрактар.
Тој рече дека оваа година бројот на апликанти ќе ја надмине бројката од минатата година.
Настанот ќе биде домаќин на наградни натпревари во 35 области, како што се транспорт, беспилотни летала, сателити, роботи, земјоделство, биотехнологија, вештачка интелигенција (АI) и летечки автомобили.
Кандидатите можат да аплицираат за натпреварите до крајот на февруари.
Фестивалот, исто така, ќе биде домаќин на голем број активности, вклучувајќи семинари, изложби, самити и воздушни шоуа.
- Натпревари -
Мехмет Фатих Кацир, заменик-министерот за индустрија и технологија, рече дека домаќин на настанот ќе биде Истанбул, но натпреварите ќе бидат организирани во неколку области.
Давајќи детали за овогодишните натпревари, тој рече дека за прв пат ќе бидат организирани голем број натпревари оваа година, вклучувајќи ги здравствените и воените технологии.
Исмаил Демир, шефот на Претседателството на турските претседателски одбранбени индустрии, рече дека во тек се новите одбранбени и технолошки проекти на земјата.
„Настанот, како што е „Текнофест“, е многу важен за Турција да стане земја што е во состојба да произведе своја технологија“, нагласи Демир.
- Претходни изданија -
Минатата година, третото издание на големиот технолошки настан се одржа во југоисточната турска област Газиантеп во септември.
Настанот беше организиран без посетители, а беше пренесуван во живо преку платформите на социјалните медиуми поради пандемијата на Ковид-19.
Во 2019 година, на второто издание на настанот присуствуваа 1,72 милиони посетители во Истанбул.
„Текнофест“ се одржува во Истанбул во непарни години, додека во другите градови во парни години.
Агенција Анадолија е глобален комуникациски партнер на настанот од 2018 година.