Yeter Erdine
25 Септември 2021•Ажурирај: 25 Септември 2021
ИСТАНБУЛ
Претпоследниот ден од најголемиот турски фестивал на воздухопловство и технологија „ТЕХНОФЕСТ“, што се одржува во Истанбул, посетителите имаа можност да ги погледнат бројните иновации и достигнувања во областа на воздухопловството и технологијата, известува Агенција Анадолија (АА).
Посетителите денес, меѓу другото, можеа да уживаат и во промотивните летови на разни модели авиони и хеликоптери.
Посебно внимание привлече „Хуркуш“, нискокрилен едномоторски турбопропелерски авион двосед, што го произведе компанијата „Turkish Aerospace Industries“ (TAI), како и турскиот воен хеликоптер „ATAK“.
Промотивните летови на Аеродромот „Ататурк“ ги следеа и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, со сопругата Емине Ердоган и други официјални лица и гости.
На шестдневниот настан што се одржува на Аеродромот „Ататурк“ организирани се бројни активности, како што се аеромитинг со воени авиони, беспилотни летала и хеликоптери, потоа семинари, самити, натпревари и разни саеми.
Во рамките на „ТЕХНОФЕСТ 2021“ се одржуваат и технолошки натпревари во десетина различни категории, како што е паметен транспорт, дизајн на хеликоптери, биотехнологија, роботика, летечки авиони, ракети и подводни системи без екипаж.
Организатори на „ТЕХНОФЕСТ“ се Турската фондација за технологија и Турското министерство за индустрија и технологија на Турција. „ТЕХНОФЕСТ“ се одржува во разни градови низ Турција, а во Истанбул секоја непарна година.
Минатата година настанот беше организиран во виртуелен формат во турската јужна област Газиантеп поради мерките воведени против пандемијата на коронавирусот.
„ТЕХНОФЕСТ“ во 2019 година во Истанбул го посетија 1,72 милиони лица. Агенција Анадолија е глобален комуникациски партнер на настанот од 2018 година.
Овогодинешниот „ТЕХНОФЕСТ“ се одржува од 21 до 26 септември.