Tuğba Altun
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Туркије соопшти дека договорот на страните за четиридневна хуманитарна пауза во судирите во Газа претставува позитивен чекор, јавува Анадолу.
Министерството издаде соопштение во врска со договорот меѓу Хамас и Израел за хуманитарната пауза во Газа.
„Договорот меѓу страните за прогласување четиридневна хуманитарна пауза во судирите во Газа, каде нападите на израелските сили траат повеќе од шест недели, го гледаме како позитивен чекор во однос на ублажувањето на крвопролевањето до одреден степен“, се вели во соопштението.
Понатаму се наведува дека зголемувањето на хуманитарната помош за Газа е исто така важно.
„Очекуваме целосно почитување на договорот, кој вклучува ослободување на дел од заложниците и затворениците, како и зголемување на хуманитарната помош што е дозволено да влезе во Газа“, се додава во соопштението.
Се изразува надеж дека оваа хуманитарна пауза ќе помогне да се прекинат целосно конфликтите што е можно поскоро и да се започне процесот кон праведен и траен мир според моделот за дводржавно решение.
Беа пофалени и напорите на Катар за постигнување на договорот.
Израелската Влада утринава се согласи на хуманитарна пауза во конфликтот и размена на затвореници со палестинската група Хамас.
Според договорот со посредство на Катар, 50 Израелци кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници од израелските затвори.
Договорот вклучува и четиридневна пауза во борбите и влез на 300 камиони со хуманитарна помош, вклучително и гориво, во Појасот Газа.
Договорот, исто така, овозможува продолжување на паузата и потенцијално ослободување на повеќе деца и жени што ги држат двете страни.
Министерството за надворешни работи на Катар рано утринава објави дека е постигнат договор за четиридневна хуманитарна пауза меѓу Израел и Хамас.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по нападот на Хамас, при што загинаа над 14.128 Палестинци, од кои 5.840 се деца и 3.920 жени, според здравствените власти во енклавата.
Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во воздушните и копнените напади на Израел врз опколената енклава.
Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.