Behlül Çetinkaya
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
АНКАРА
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Танжу Билгич, реагира на изјавите на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас за Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ја отфрламе изјавата на Грција со која правото на нашата земја на одбрана е окарактеризирано како закана, но и обидот на овој начин да се креира нереална перцепција во тој правец. Доколку постои закана, таа закана произлегува од едностраните постапки на Грција со кои се зголемуваат тензиите“, изјави Билгич.
Билгич ги опиша изјавите на Дендиас како „провокативен дискурс“, додавајќи дека тоа се крајно популистички изјави.
„Антитурските изјави на грчкиот министер за надворешни работи, Дендиас, кои доаѓаат речиси секојдневно, се далеку од реалноста и се популистички тврдења кои не служат за мирот и стабилноста. Оваа провокативна реторика не е ниту добрососедска, ниту е во согласност со духот на консултативните разговори кои повторно ги започнавме со Грција“, нагласи Билгич.
Тој додаде дека Дендиас отворено покажува дека повеќе преферира тензија наместо дијалог.
„Овие заблуди на Дендиас, наместо да ги решаваат билатералните прашања на Грција и да ги развиваат односите со нашата земја преку искрен и значаен дијалог, се нов доказ дека тој повеќе преферира тензии со надеж дека ќе добие помош од трета страна и ќе развие вештачки сојузи против Турција“, предупреди портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција.
Тој посочи дека земјите со интегритет и самопочит не се впуштаат во такви изјави и дејствија.
Нагласи дека Грција изнела обвинувања против Турција, но и презела чекори со цел зголемување на тензиите во Егејското Море и Средоземното Море во согласност со нејзините максималистички барања, кои според него се спротивни на меѓународното право.
Билгич ја повика Грција да ги почитува меѓународните договори и закони.
Дендиас во вторникот на прес-конференцијата во Атина, одржана во присуство на министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Фаисал бин Фархан Ал-Сауд, реагира на изјавите на Турција за вооружување на егејските острови.
„Доколку Турција сака да покаже добра волја, треба да го поништи договорот со Либија за одредување на подрачјето на поморска јурисдикција“, рече Дендиас, додавајќи дека Турција води агресивна политика во регионот.