Mustafa Çavuş
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
САМСУН (АА) - МУСТАФА ЧАВУШ - Џамијата Ѓокчели во местото Чаршамба во турскиот град Самсун, изградена е во 1206 година. При нејзината изградба не биле употребени шајки, но таа и по 811 години, сѐ уште му пркоси на времето, пишува Anadolu Agency (AA).
Џамијата е еден од најубавите примери на дрвената архитектура на Анадолија.
Џамијата е изградена со техниката „перце и жлеб“, без да се употребуваат шајки, и е една од најстарите дрвени џамии во Турција.
За изработка на подот на џамијата била користена посебна техника за да се неутрализира ефектот на земјотрес, па се вели дека поради тоа оваа осумвековна џамија не се уништува за време на земјотресите.
Насликаните мотиви во џамијата, за коишто се користени природни бои, сѐ уште ја чуваат својата свежина како во првите денови.

- „Во случај да се сруши, ќе се сруши во насока на киблата“ -
Имамот на џамијата Ѓокчели, Ахмет Озќосе, во изјава за АА истакна дека се чувствува гордо бидејќи служи во оваа џамија, стара 811 години.
Озќосе истакна дека според едно предание, џамијата е изградена во периодот на султанот на Селџуците, Гијаседин Кејхусрев Први, и додаде дека таа е меѓу првите џамии изградени по отворањето на вратите на Анадолија за исламот, по битката кај Малазгирт (Манзикерт).
„Според едно друго предание, се вели дека во овој регион постоеле мали и големи бејлици (мали кнежевства, заб. ав.) кои давале отпор во процесот на исламизација. Се вели дека џамијата е изградена од страна на муслимански командант којшто со својата флота дошол во Црното Море за да го крши отпорот на бејлиците“, истакна тој.

Озќосе раскажува дека во 1990 година, научниците зеле примероци од дрвената конструкција на џамијата заради истражување. „Се покажа дека џамијата е осумвековно дело. Таа стои веќе осум века и се надевам дека уште ќе стои на свои нозе. Се вели дека, во случај да се сруши, ќе падне во насока на киблата“, нагласи Озќосе.
Имамот на џамијата, Озќосе, информираше дека џамијата има капацитет од 300 лица, и џамијата служи за петте дневни молитви. Тој додаде дека оваа историска градба доаѓаат да ја видат голем број посетители.