Sena Güler
12 Септември 2019•Ажурирај: 13 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Дури и по 39 години, крвавиот воен удар од 12 септември 1980 година се смета за црна дамка во турската историја, јавува Anadolu Agency (AA).
Последниот воен удар извршен преку синџир на командување во историјата на Републука Турција е познат по егзекуциите, нападите и прекршувањата на човековите права.
Во раните утрински часови на 12 септември пучистите ја презедоа власта во земјата, во третата блатантна интервенција на вооружените сили во историјата на Турција, по пучот на 27 мај 1960 година и Меморандумот од 12 март 1971 година.
Националниот совет за безбедност, составен од тогашниот началник на Генералштабот, Кенан Еврен - кој го водеше пучот, а подоцна беше и претседател - командантите на турските копнени, воздухопловни и поморски сили и командантот на силите на жандармеријата, ја презедоа контролата од сите лостови на моќ.
Во услови на разнишана демократија, пучистите го поништија Уставот на земјата и го распуштија Парламентот.
По објавувањето на воениот закон, пучистите за цел ги имаа невладините организации од кои на повеќето им забранија секаква активност, освен на Турското здружение за авијација, Здружението за заштита на децата и турската Црвена полумесечина.
Затворајќи ги политичките партии во земјата, пучистите спроведоа и серија егзекуции кои сè уште ја прогонуваат совеста на нацијата.
- По државниот удар следуваа егзекуции и судења -
Првите егзекуции на две политички личности беа спроведени на 9 октомври истата година.
Ердал Ерен (17) на 19 март беше осуден со смртна казна поради убиство на воен полициски службеник пред пучот. Ерен беше егзекутиран на 13 декември 1980 година.
Изјавите на тогашниот претседател Еврен во врска со затворениот Ерен и другите лица на кои требаше да им се изврши егзекуција беа: „Тогаш да не ги бесиме, туку да ги нахраниме“, сè уште горат во главите на луѓето.
Пучот е познат како најкрвавата воена интервенција во историјата на Турција, која се случи по неколку години на политички турбуленции кои зедоа животи на стотици лица.
За време на периодот на пучот во 1980 година беа приведени над 650.000 лица, додека 230.000 беа изнесени пред суд, главно од политички причини, а 50 се егзекутирани. Уште 299 починале поради тортура и лоши затворски услови.
Околу 14.000 лица беа лишени од турско државјанство, речиси на 1.000 лица им се судеше за членување во забранети организации, а 30.000 луѓе, вклучително и наставници, беа отпуштени од своите работни места.
Беа забранети и околу 1.000 филмови, а десетици новинари се соочија со затворски казни до илјадници години.
- Пучистите за првпат се појавија на суд -
Во 1982 година, Уставот подготвен од страна на пучистите доби зелено светло со 92 отсто гласови на контролиран референдум. Во него беше вклучен дел кој доживотно го спречува судењето на пучистите.
На референдумот на 12 септември 2010 година, тој дел беше отстранет од Уставот, отворајќи го патот за голем број кривични тужби против пучистите и против оние кои ги извршуваа наредбите за време на пучот.
Во врска со тоа, главните обвинители од главниот град Анкара започнаа кривична истрага за Еврен и за поранешниот генерал на воздушните сили, Тахсин Шахинкаја.
Двајцата беа изведени пред суд, при што за првпат во историјата на Турција пучисти се појавија во судница.
Судскиот процес против Еврен и Шахинкаја започна во 2012 година со судска постапка за обид за елиминирање на турскиот Устав и да го надвладеат Парламентот. На двајцата генерали им беше намален чинот на војник.
Двајцата поранешни генерали не присуствуваа на судските процеси, со тврдења дека им е нарушено здравјето и наместо тоа се појавија преку видеолинк од болницата.
Еврен на 18 јуни 2014 година беше осуден на казна доживотен затвор поради неговата улога во пучот, но почина во мај 2015 година, на 97-годишна возраст. Шахинкаја почина само два месеца подоцна, во јули.
Кривичниот суд 10 во Анкара го прекина судењето за воениот удар во 1980 година, откако беа разгледани молбите на адвокатите застапници на двајцата починати обвинети и изјавите на инволвираните во случајот.