Mahmut Geldi, Safiye Karabacak, Halime Afra Aksoy
15 Август 2024•Ажурирај: 17 Август 2024
АНКАРА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас во обраќањето на вонредната седница на Големото народно собрание на Туркије во Анкара изјави дека донел одлука да го посети Појасот Газа, јавува Анадолу.
Абас изрази посебна благодарност за ставот на Република Туркије која, под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, ги брани легитимните права на палестинскиот народ.
„Ние ќе продолжиме да стоиме цврсто и нема да ја напуштиме својата земја“, порача Абас.
Тој истакна и дека „израелските воени злосторници нема да останат неказнети за своите злосторства“.
Палестинскиот претседател порача дека без Газа не може да има ни држава Палестина.
„Нашиот народ, без оглед на сѐ, ќе ги протера окупаторите“, рече Абас.
Тој нагласи дека палестинскиот народ му дава отпор на „ционистичкото движење“ што тежнее кон контролирање на целиот регион.
Абас упати апел до сите да помогнат во ослободувањето на повеќе од 10.000 Палестинци кои се држат во израелските затвори.
Тој ѝ се заблагодари на Туркије за десетиците илјади тони хуманитарна помош за жителите на Газа.
„Работиме на единството на Палестина бидејќи најдобар пат до победа е преку единство. Им благодарам на сите што ни помагаат во тоа, на чело со Туркије“, рече Абас.
Тој истакна и дека ќе го посети Појасот Газа.
„Не ни останаа многу решенија, поради тоа јас и целото палестинско раководство одлучивме да одиме во Газа, мојот живот не е повреден од животот на децата во Газа“, рече Абас.
На крајот порача дека израелскиот окупатор е осуден на исчезнување.
„Палестина ќе биде слободна. Им благодарам на Туркије, нејзиниот народ и на претседателот Ердоган за поддршката на Палестина“, нагласи палестинскиот претседател.
Говорот на Абас, кој траеше 46 минути, беше проследен со аплауз од турскиот претседател Ердоган, пратениците и други гости.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера пристигна во Анкара, главниот град на Туркије, каде што се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и други турски претставници.