ИСТАНБУЛ (АА) – МУЏАХИТ ТУРЕТКЕН -
Агенција Анадолија (АА) се подготвува да влезе во својата 100-та година од основањето присетувајќи се на Халиде Едип Адивар, десетарката „Халиде“ од Националната војна и првата писателка на воени романи во турската книжевност.
Халиде Едип, која има значајно место во турската книжевност, родена е во 1884 година како дете на Мехмед Едип-бег и Фатма Бедрифем. Мехмед Едип-бег беше еден од писарите на султанот Абдулхамид.
Халиде Едип својата мајка ја загуби на млада возраст, а детството го помина во Кинеската глицинија (Wisteria sinensis) со нејзините баба и дедо.
Во 1893 година се запиша во Американскиот колеџ во Ускудар, но по една година мораше да го напушти колеџот. Земаше приватни часови по арапски, англиски и француски јазик, а исто така и приватни часови за музика.
Со поддршка на нејзината наставничка по англиски јазик, ја преведе книгата „Мајка“ (Mother). Книгата е отпечатена со името „Мадер“. Халиде со таа книга доби награда од султанот Абдулхамид. Во 1901 година дипломираше на колеџот, откако по вторпат се запиша во 1899 година.
Халиде Едип истата година се омажи за Салих Зеки-бег, од кого земаше часови по математика. Од тој брак има два сина, Ајатула и Хикмула Того. Поради радоста што Јапонците ја поразија Русија, таа на својот син му го даде името „Того“, според името на командантот на јапонската морнарица, адмиралот Того Хеихачхиро.
Халиде Едип почна да објавува текстови во весникот „Танин“ со името „Халиде Салих“. Потоа продолжи да пишува и во публикациите како што се „Ресимли Китап“, „Јени Танин“, „Шехбал“, „Мусавер Мухит“ и „Мехасин“. Поради текстовите почна да добива закани, и поради стравот дека ќе биде убиена на настаните на 31 март, замина во Египет. Откако се врати дома во 1909 година, продолжи со пишувањето. Својот брак со Салих Зеки го заврши во 1910 година.
- „Нејзиниот говор на митингот во Султанахмед никогаш не се заборави“ -
Со предлог на министерот за образование, Саид-бег, работеше како инспекторка во женските и фондациските училишта. Тој период ги набљудуваше маалата во Истанбул, а тоа ѝ помогна да ја напише книгата „Бакалница со муви“ (Sinekli Bakkal). Халиде Едип во тој период остана под влијание на имињата како што се Зија Гокалп и Јусуф Акчура.
За време на војната го основаше здружението „Теали-и Нисван“. По предлог на Џемал-паша замина во Сирија за да организира отворање на училишта во Либан, Бејрут и Дамаск. Додека беше во Сирија, во 1917 година, со одобрување од татка си, се омажи со д-р Аднан.
Во истата година ја напиша книгата „Мевуд-у Хукум“ и првата театарска претстава „Овчар Кенан“. Во 1918-1919 година предаваше Западна литература на Универзитетот „Дарулфуну“ во Истанбул.
Халиде Едип како говорничка присуствуваше на митинзите во Фатих, Ускудар и Султанахмед, по инвазијата на Измир на 15 мај 1919 година. Особено нејзиниот говор на митингот во Султанахмед беше многу ефикасен и никогаш не се заборави. Со своите написи во списанијата „Бујук Меџмуа“ и „Вакит“ даде придонес за развојот на отпорот против окупацијата.
- „Анадолија ќе ја спаси целата земја“ -
Во овие години, Халиде Едип исто така учествуваше во шверцот на оружје кон Анадолија, а во 1920 година со нејзиниот сопруг замина во Анадолија и се приклучи на Националната борба.
За време на нејзиното патување кон Анадолија, во разговорите со Јунус Нади се здоби со идеја за формирање на агенција.
Јунус Нади, разговорот со Халиде воден во станицата „Гејве Акисар“ го раскажа вака:
„Халиде Едип не се пожали за патувањата и за нејзините проблеми, туку зборуваше за работите што ги прави. Беше една практична турска жена. Нејзе ѝ го кажав одговорот на Пашата [Ататурк] за време на борбата во Кушчали кога го прашав за телеграфот. ’Со таа линија ќе се поврземе со целиот свет’, ѝ реков. Таа ми одговори: ’Многу убаво‘, и додаде: ’Најдобро е кога ќе се вратиме да основаме агенција и со така ќе информираме внатре и надвор.‘ - ’Тоа е првиот услов, деталите ќе следуваат допрва‘, ѝ одговорив на Халиде.“
„Секако, по ред можат да се завршат сите работи. Но според мое мислење, првата работа треба да биде основање на агенција. Ајде, ако сакаме да ја именуваме овде, на пример, Турска агенција, на пример, Анкарска агенција, на пример, Агенција Анадолија... Може да се најдат повеќе примери“, рекла Халиде, пренесува Јунус Нади.
Разговорот меѓу нив продолжил:
„Се чини дека Агенција Анадолија е најдобро име за мене“, рекол Јунус Нади.
„И за мене. Нели, Анадолија е таа што првин ќе се спаси себеси и ако е можно целата татковина. Значи, да донесеме одлука: Агенција Анадолија...“, додала Халиде Едип.
„Да, да, г-ѓо, Агенција Анадолија...“, одговорил Јунус Нади.
- Мустафа Кемал со историски циркулар го најави формирањето на АА -
Халиде Едип, средбата со Мустафа Кемал по повод формирањето на агенцијата одржана во Анкара на 5 април 1920 година, во зградата на станицата која денеска се користи како музеј, во своето дело „Тестот на Турците со оган“, раскажува:
„Проблемот за формирање на агенцијата за кој разговарав со Јунус Нади, го споделив и со Мустафа Кемал-паша. Му кажав дека сакаме да започнеме под името „Агенција Анадолија“. Дека нашата желба е, вестите на оваа агенција да ги испраќаме секаде каде што има пошта, а таму каде што нема, да лепиме огласи по џамиите. Покрај тоа, за да се разбере што мисли светот, требаше да се донесат најважните весници на англиски и француски јазик. Откако се согласивме за овие точки, му кажав дека потребна ми е една машина за пишување. Мустафа Кемал ми вети дека тоа ќе го најде од Османлиската банка.“
По овие разговори, на 6 април 1920 година беше основана Агенција Анадолија. Мустафа Кемал, со историскиот циркулар што го испрати до целата земја, го соопшти формирањето на Агенција Анадолија.
- Стана „десетар“ во битката на Сакарја -
Халиде Едип, покрај тоа што помагаше во весникот „Хакимијети Милије“ на Јунус Нади, исто така ги преведуваше и странските весници. Таа, исто така стана раководителка на турската Црвена полумесечина „Кизилај“ во филијалата во Анкара.
Таа стана „десетар“ на битката кај Сакарја. Помеѓу 1921 и 1922 година, таа во Комисијата за ревизија известуваше за штетата предизвикана од грчката армија при повлекувањето и прогонството што го направи врз народот.
На крајот на војната на Халиде Едип ѝ беше даде чин наредник. Во овој период таа ги напиша романите „Кошула од оган“ (Ateşten Gömlek) и „Удрете на предавникот“ (Vurun Kahpeye) и расказот „Волкот кој излезе на планина“ (Dağa Çıkan Kurt).
По прогласувањето на Републиката, таа продолжи да пишува во весниците и списанијата како што се „Акшам“, „Дергах“, „Икдам“, „Хакимијети Милије“ и „Сон Телеграф“.
По националната борба, поради политичките спорови и затворањето на прогресивната Републиканска партија, од страна на Владата на Исмет-паша (Инону), во 1925 година заедно со нејзиниот сопруг ја напушти Турција.
Халиде Едип живеела во странство 14 години, до 1939 година. Предаваше на универзитетите во Велика Британија, Франција и САД. Во 1935 година замина во Индија и ја поддржа кампањата за создавање на муслиманскиот Универзитет „Џамиа-и Милије“. Таа исто така предаваше англиска литература на Универзитетот во Истанбул во 1940 година. Во 1950 година беше избрана за пратеничка од Измир, од Демократската партија.
Поради различни мислења во 1954 година го напушти Парламентот и се врати на Универзитетот. Во последниот период целосно се предаде на книжевноста и нејзините спомени ги напиша во книгата „Куќата со кинеската глицинија“.
Халиде Едип Адивар почина на 82-годишна возраст, на 9 јануари 1964 година, а беше погребана на гробиштата „Меркезефенди“ во Истанбул.
Познатиот турски писател Пејами Сафа за Халиде Едип рече дека е единствената турска жена која пишувала воени романи. Од друга страна, писателот Неџип Фазил Кисајурек истакна дека турската жена може да се пофали што има таква писателка.
Исто така се пренесува дека турскиот социолог Шериф Мардин рекол дека Халиде Едип е првата значајна османлиска писателка.
Халиде Едип, исто така на турски јазик го преведе значајното дело на Џорџ Орвел, „Животинска фарма“ и делото „Хамлет“ на Шекспир.
news_share_descriptionsubscription_contact


