Sarp Özer
19 Август 2018•Ажурирај: 20 Август 2018
АНКАРА (AA) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, во врска со заедничките активности на силите на Турција и Соединетите Американски Држави (САД) порача дека во многу краток период треба да започнат заедничките обуки на вооружените сили на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
На интернет-страницата на Министерството за одбрана на Турција, објавени се изјави на министерот Акар во врска со заедничките активности за патролирање во сирискиот град Мунбич.
Акар нагласи дека во согласност со претходно утврдената Мапа на патот во Мунбич и безбедносните принципи, се продолжува со активностите на турската и американската војска, со цел воспоставување безбедност и стабилност во регионот.
„Во тие рамки, се очекува во многу краток период да започнат и заедничките обуки на вооружените сили на двете земји“, порача Акар.
Делегациите на Турција и САД, кон крајот на месец мај оваа година, во Анкара договорија Нацрт-план за решавање на случајот Мунбич, според кој, во неколку фази, тој регион би требало да го напуштат терористите, а локалното население да ја преземе власта со поддршка на турските и американските сили.
Во почетокот на месец јуни оваа година, во Вашингтон се состанаа министрите за надворешни работи на Турција и САД, Мевлут Чавушоглу и Мајк Помпео, и ја потврдија Мапата на патот за воспоставување безбедност и стабилност во Мунбич.