АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, истакна дека посакуваат веднаш да се воспостави мир и спокојство во Идлиб и Либија и да запре пролевањето на крвта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар одговори на новинарските прашања за актуелните теми пред состанокот на Парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК Партија).
Запрашан во врска со тоа што илегалниот вооружен лидер во источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, ја напуштил Москва без да го потпише договорот за примирје, Акар рече: „Ние како Турција правиме сè што можеме со цел во регионот да владее мирот и спокојството. Ние сме за тоа проблемите да се решат на мировен начин и по политички пат. Продолжуваат напорите во оваа насока.“
Тој пренесе дека претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, во Истанбул детално разговарале за овие теми.
„По оваа средба, постигнавме усогласување за постигнување примирје, мир и спокојство и во Либија и во Идлиб. Страните покажаа позитивен став во оваа насока. Потоа, со почитуваниот министер за надворешни работи (Чавушоглу) и со шефот на Турската разузнавачка служба (Хакан Фидан) патувавме за Русија, каде што одржавме средби, ги подготвивме текстовите и разменивме мислења. Турција и Русија се согласија за текстот. Потоа ова прашање беше пренесено до страните, чии мислења и предлози беа земени предвид", нагласи Акар.
„Во овие рамки, почитуваниот Сараџ го потпиша овој текст, кој беше предаден на турската страна. Потоа, руската страна ги продолжи средбите со Хафтар. Се очекуваше да се потпише текстот, но откривме дека Хафтар ја напуштил Русија. Од друга страна, гледаме дека во голема мера се спроведува примирјето на терен во Идлиб и во Либија. До крај го поддржуваме тоа“, рече Акар.
Турскиот министер истакна дека илјадници лица, меѓу кои жени, деца и стари лица, во Идлиб го продолжуваат својот живот во тешките зимски услови поради копнените и воздушните напади.
„Овие напади се претежно запрени. Во голема мера се почитува примирјето. Како што знаете, почнувајќи од 12-ти овој месец постои примирје. Вложуваме напор за почитување на примирјето. Со Русија сме во близок контакт“, додаде тој.
„Ќе ги продолжиме нашите напори за постигнување спокојство преку политичко решение во Идлиб и во Либија. Ги продолжуваме контактите со страните. Посакуваме веднаш да се воспостави мир и спокојство во Идлиб и Либија, да запре пролевањето на крвта и луѓето да се вратат на нормалниот живот. Правиме сè што можеме во оваа насока. Ја следите програмата на нашиот претседател, разговара и се сретнува со лидерите. Нашата цел е мирот и спокојството да владее во регионот“, истакна Акар.