Sarp Özer
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
ШАНЛИУРФА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, придружуван од началникот на Генералштабот на Турција, генерал Јашар Ѓулер и командантот на копнените сили, генерал Умит Дундар, го посетија Заедничкиот оперативен центар на копнените сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Акар, во рамките на посетата се здоби со информации во врска со активностите и даде понатамошни инструкции: „Операцијата „Извор на мирот“ продолжува. Продолжуваме со нашите интензивни активности за пребарување на рачно изработените експлозиви, да се обезбеди мир и доверба во регионот и да пристигне хуманитарната помош.“
Акар истакна дека војниците со големо херојство, пожртвуваност и посветеност во духот на професијата, од копно, море и од воздух успешно ги исполниле дадените задачи.
„Сите членови на вооружените сили и дење и ноќе, без разлика дали се работи за рид или планина, со мотото 'Ако умрам, ќе станам шехид, ако останам жив, ќе бидам ветеран', презедоа мерки против сериозните ризици и заканите кон нашата земја и нашиот народ.“
Акар, осврнувајќи се на проектот за борбените авиони F-35, рече: „Ние, во проектот F-35 сме партнери заедно со другите земји. Плативме тоа што требаше да се плати, ги исполнивме нашите обврски. Како што рече едно одговорно лице од САД, во Турција беспрекорно се произведуваат околу 1000 дела од F-35. Затоа можеме да кажеме дека ние ги исполнуваме нашите обврски. Ние имаме барање поради партнерството, и тоа постојано го поставуваме на дневен ред. Ние, нашата одговорност како партнери ја исполнивме, и тие треба да ја исполнат одговорноста која произлегува од партнерството.“
Акар исто така зборуваше и за процесот на набавка за регионалниот ракетен и воздушен одбранбен систем S-400: „Набавивме систем на противвоздушна одбрана за да ја штитиме нашата земја и нашата нација од воздушни и ракетни напади. За да може системот да работи во полн капацитет, работите ќе продолжат до пролетта 2020 година. Исто така, продолжуваме со преговорите за снабдување на системот за воздушна одбрана Патриот.“
Турскиот министер за одбрана истакна дека се преговара со Русија за предавање на војници на сирискиот режим на Русија, фатени за време на активностите за пребарување на турските вооружени сили на југоистокот на Рас ал Ајн во Сирија.
„За време на активностите, фативме 18 лица, кои рекоа дека припаѓаат на војската на режимот. Имаше двајца повредени, беа лекувани во болница. Во моментот се преговара, се разговара за лицата за кои веќе се дозна дека се припадници на војската на режимот, да се предадат на Русија. На оваа тема потребните информации ги доставивме и до почитуваниот претседател на Република Турција и ги добивме потребните инструкции.“