Sarp Özer
12 Ноември 2020•Ажурирај: 13 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во Анкара изјави дека Турција ќе го продолжи одлучното постапување наспроти оние кои се обидуваат Турција да ја затворат во нејзините територијални води на Егејското Море и во Анталискиот Залив во Источен Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парламентарната комисија за изработка на нацрт-буџетот на Турција за наредната година започна со работа, а турскиот министер за одбрана, Акар, денеска се обрати на пратениците и ги претстави планираните активности на тој ресор за 2021 година.
„Турција не може да одземе ничие право, но исто така нема да дозволи на кого било да ги загрозува нејзините права и интереси. Можеме да бидеме шехиди и ветерани, но нема да дозволиме тоа да ни го направат“, порача Акар.
Акар исто така изјави дека Турција влегла во состав на заедничките мировни сили за надзор на примирјето во Нагорно Карабах.
Тој ја претстави и борбата која Турција ја води против терористичката организација ФЕТО и соопшти дека од обидот за пуч на 15 јули 2016 година досега од Турските вооружени сили се отпуштени вкупно 20.571 службеник кои се сомничат за поврзаност со таа терористичка мрежа.
Ресорниот турски министер Акар го коментираше и турското купување на рускиот противвоздушен ракетен систем „С-400“.
„Системот С-400 ќе го користиме како што моментално некои членки на НАТО го користат системот С-300“, изјави Акар, и додаде дека процесот на испорака и преземање на тој систем се одвива непречено и во согласност со планираното.
Истакнувајќи дека Турција е подготвена да разговара и за загриженоста на САД кои стравуваат дека турската набавка на системот „С-400“ би можела наводно да ги загрози неговите борбени авиони „Ф-35“, Акар изјави дека и понатаму на маса е турскиот предлог за формирање на работна група за решавање на тоа прашање.
Коментирајќи ја актуелната борба против пандемијата на Ковид-19, турскиот министер за одбрана, Акар, изјави дека турската војска одлучно ја води борбата против ширењето на Ковид-19 и дека на тоа поле е една од најуспешните војски на светот.
„Сите операции на копнените, поморските и воздушните сили на турската војска на терен се одвиваат во согласност со плановите и без какви било пречки кога станува збор за пандемијата“, изјави Акар.
Акар исто така ја коментираше ситуацијата во Либија и изјави дека Турција е единствена земја од меѓународната заедница која одговорила на повикот на меѓународно признатата Влада на национално единство која се спротивстави на нелегитимните сили на пучистичкиот водач Калифа Хафтар кој претставува најголем безбедносен проблем во таа земја.
Тој најави дека Турција и понатаму ќе продолжи да го поддржува либискиот народ и легитимните власти на таа пријателска земја.