Dilan Pamuk
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
БУДИМПЕШТА (АА) - Турција и Германија ќе преземат конкретни чекори на полето на одбраната и безбедноста во следните денови, изјави денес турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изјавата на Акар дојде еден ден по неговата средба со германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, во Берлин.
Истакнувајќи дека состанокот со Крамп-Каренбауер бил многу конструктивен, Акар рече: „Со големо задоволство забележавме дека споделуваме слични мислења за многу прашања. Оценувам дека во наредните денови ќе бидат преземени одредени конкретни чекори, особено на полето на одбраната и безбедноста, како резултат на оваа средба.“
Акар додаде дека Германија е меѓу најважните сојузници и партнери на Турција во безбедноста и политиката на Европа, во НАТО, во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), како и во Советот на Европа и економските институции.
„Очекуваме наскоро нашата работа да доведе до позитивни резултати. Имајќи ги предвид средбите меѓу нашиот претседател и канцеларката [Ангела] Меркел, претпоставувам дека ќе биде можно да се реализира поконструктивна, попозитивна и попродуктивна работа“, истакна турскиот министер.
Тој додаде дека Турција до денес ги исполнила сите свои обврски и дека ќе продолжи да ги исполнува.
„Познато им е на сите дека Турција е една од истакнатите членки на НАТО во однос на единството, операциите, вежбите и финансиската поддршка. Според тоа, нашите односи со НАТО се многу конструктивни и добро реализирани“, рече тој.
Акар, исто така, изјави дека се очекува преговорите со Грција за Источниот Медитеран и Егејското Море во наредните денови да бидат попродуктивни.
Тој рече дека досега се одржани вкупно осум состаноци со Грција и дека Турција очекува Грција да биде повеќе вклучена на претстојните состаноци.
„Се надеваме дека ќе изнајдеме мировни решенија за проблемите меѓу Грција и Турција преку овие преговори. Сакаме сите да знаат дека сме подготвени да го дадеме неопходниот придонес за решавање на прашањата“, рече Акар.
Истакнувајќи дека Турција со своите истражувачки бродови досега не сторила ништо освен спроведување техничко-научни студии, Акар рече: „Избегнуваме каков било однос и акција што може негативно да влијаат на односите меѓу двете земји. Од друга страна, ние имаме одредени права.“
Турскиот министер Акар, потсетувајќи ги сите трети страни да го разгледуваат ова прашање објективно, порача: „Гледаме дека Германија е колку што може поконзистентна и принципиелна. Се надеваме дека овој пристап ќе биде пример за другите земји во ЕУ и НАТО.“