АНКАРА (АА) - Министерот за трезор и финансии на Турција, Берат Албајрак, истакна дека Турција ќе се фокусира на структурни реформи за да ја постигне целта да стане поголема и помоќна, јавува Anadolu Agency (AA).
„Овој процес на трансформација и реформи решително ќе продолжи во периодот од 4,5 години без избори“, рече Албајрак, на прес-конференцијата за соопштување на владниниот акционен план.
Албајрак нагласи дека финансискиот сектор дава предност на новиот сет структурни реформи за 2019 година.
„Зајакнување на капиталната структура на државните кредитори ќе биде нашиот прв чекор“, рече тој.
Албајрак нагласи дека во наредниот период ќе одредат нов индивидуален пензиски систем според нивото на доход на граѓаните.
„Нашиот приоритет е да формираме ефективен и здрав систем за заштеда, почнувајќи од државата сè до поединци, за да се елиминира кршливоста во економијата“, додаде Албајрак.
„Во наредните 5 години средствата акумулирани во новиот пензиски систем ќе надминат 10 отсто од бруто домашниот производ“, нагласи Албајрак.
Албајрак рече дека ќе направат некои чекори во областа на реалниот сектор, со цел да се осигура поздраво функционирање на финансискиот сектор.
„Проектот на национално единство во земјоделството ќе биде нашата најзначајна структурна реформа во борбата против инфлацијата во храна“, рече Албајрак, и додаде: „Со новата даночна архитектура ќе ги намалиме исклучоците и ослободувањата. Постепено, по фази ќе го намалиме коорпоративниот данок“.
„Со мастер-планот во туризмот целиме во наредните 4 години да стигнеме до 70 милиони туристи и 70 милијарди долари приход од туризмот“, истакна Албајрак, министерот за трезор и финансии на Турција.