Ferdi Türkten
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
АНКАРА (АА) ‒ Шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на претседателот на Турција, Фахретин Алтун, рече дека само финската Влада може да одлучи дали е поважно да се приклучи кон НАТО или да ги заштити структурите што убиваат цивили и учествуваат во злосторствата за воен удар во една НАТО-земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за водечкиот фински весник „Хелсингин саномат“, Алтун одговараше на новинарски прашања во врска со апликацијата на Финска за членство во НАТО, односно ставовите на Турција за тоа прашање.
Наведувајќи дека Турција традиционално го поддржува проширувањето на НАТО, тој рече дека неговата земја е загрижена за можното членство на Финска и Шведска. Турција, потсети тој, се наоѓа во опасен и нестабилен регион во светот.
„Заканите од ПКК и ДЕАШ доаѓаат од нашите соседни погранични земји Ирак и Сирија. Во исто време, постојат екстремно левичарски организации како ДХКП-Џ, кои извршија самоубиствен напад врз Американската амбасада во 2013 година. Тука е и ФЕТО, кое се инфилтрира во државните институции во Турција и на крај се обиде со државен удар во 2016 година да ја преземе власта со антидемократски методи. Сакаме да видиме конкретни и трајни чекори за спречување на активностите на терористичките организации кои ги загрозуваат турските граѓани и безбедноста на Турција. Нашиот истакнат претседател јасно и недвосмислено ги сподели нашите очекувања со претседателот на Финска“, објасни Алтун.
Тој потсети дека Турција е членка на оваа алијанса веќе 70 години и ја има втората по големина армија.
„Нашето најфундаментално право е да очекуваме дека земјите што ќе се обврземе да ги помагаме во случај на војна, да не ги поддржуваат или толерираат организациите насочени кон нашите граѓани. Како би се чувствувале ако на плоштадот на Сенатот во Хелсинки се случи самоубиствен напад, а земјата која припадниците на таа организација ги третира како политички бегалци или дисиденти, посака да се придружи на безбедносна организација чија членка е Финска? Затоа, ова прашање е фундаментално, според нас“, рече Алтун.
‒ Турскиот народ повеќе не гледа на зборови, туку на дела ‒
На прашањето од кој агол Турција не ги прифаќа одговорите на Финска на нејзините очекувања, Алтун рече дека „турскиот народ повеќе не гледа на зборови, туку на дела“.
Додаде дека причината за оваа криза на доверба се „дејствата на европските пријатели во минатото“.
„На пример, на Самитот на Европската Унија во Хелсинки во 1999 година, добивме писмено уверување за Кипар од Финска, која тогаш имаше мандат на претседавач. Претставниците на ЕУ подоцна рекоа дека ако кипарските Грци не го одобрат мировниот план на Анан, не можат да станат членки на ЕУ. Но подоцна сето тоа беше заборавено. Сегашната ситуација е очигледна. Јасно ја кажавме нашата загриженост и начинот на кој овие грижи може да се решат“, подвлече Алтун.
Потсетувајќи ги новинарите дека опозициските партии во Турција, ЏХП и ХДП, го критикуваа приговорот на претседателот Ердоган за членството на Финска во НАТО, Алтун рече:
„ЏХП, една од опозициските партии што ги споменавте, е партија која ја дели идеологијата и светогледот на режимот на Асад во Сирија. ХДП, од друга страна, има органски врски со терористичката организација ПКК. Одлуките на партијата ги одобруваат повереници на таканаречената организација, а нивните канцеларии ПКК ги користи како центри за регрутирање. Мислам дека обвинувањата на овие партии, чии ставови се очигледни, се несериозни. Ние веќе многу отворено ги споделуваме нашите несогласувања со САД. Немаме потреба да разговараме со Америка за прашања кои се однесуваат на Финска или Шведска. Моќта, влијанието и капацитетот на Турција се очигледни. Нашето значење за НАТО е очигледно. Не очекуваме отстапки, ги поставуваме основните услови за членство.“
‒ Работа во хармонија во борбата против тероризмот ‒
Тој, исто така, нагласи дека „неопходно е да се согласиме дека членството во НАТО не е право, туку привилегија“. Како што рече Алтун, проблемот што е присутен денес не е затоа што Турција не ја разбира Финска, туку затоа што Финска не ја сфаќа сериозно грижата за безбедноста на Турција.
„Не е невообичаено да се бара спречување на марксистичко-ленинистичка терористичка организација која убива цивили илјадници милји подалеку и насилно регрутира деца. Борбата против организација вклучена во државен удар во земја на НАТО е праведно и легитимно барање. Меѓутоа, само финската Влада може да одлучи дали е поважно да се приклучи кон НАТО или да ги заштити тие структури“, нагласи Алтун.
Тој на крајот додаде дека Турција традиционално ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО.
„Загриженоста на Турција можеби не е приоритет за финскиот народ. Може да се тврди дека односните терористички организации не повредиле никого во Финска и не учествувале во насилства. Сепак, мора да се согласиме дека тероризмот никогаш не може да се оправда и дека НАТО-членките мора да работат во целосна хармонија во борбата против тероризмот. Во спротивно, членството на Финска може да им наштети и на безбедноста на Турција и на институционалниот идентитет на НАТО.“