Ayşe Yıldız
22 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
АНТАЛИЈА (АА) - Анталија, една од најважните туристички дестинации во светот, го зголеми бројот на плажи со меѓународната еколошка награда „сино знаме“ на 213 и ја сочува титулата град со најголем број сини знамиња во светот, известува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународното жири за доделување сино знаме ги објави наградите од доделувањето сино знаме за 2021 година. Соодветно на тоа, сините знамиња оваа година ќе се веат на 519 плажи во Турција, од кои 213 се во Анталија.
Од туристичките дестинации во светот, годинава сино знаме ќе се виори на 614 плажи во Шпанија, 545 во Грција и на 519 во Турција.
Според бројката на плажи со сини знамиња во светот, Анталија продолжува да е лидер во светот. Анталија, која минатата година имаше 202 плажи со сино знаме, годинава ја зголеми оваа бројка на 213. Во Турција по Анталија следуваат Мугла со 106 плажи со сино знаме, Измир со 66, Ајдин со 39 и Баликесир со 36.
- „Воведени се дополнителни правила со појавата на епидемијата“ -
Мустафа Ергијдирен, координатор за доделување Сино знаме во Анталија при Фондацијата за еколошка едукација, за Агенција Анадолу (АА) изјави дека од 519 плажи со сино знаме во Турција, 213 се наоѓаат во Анталија.
Укажувајќи на важноста на плажите во градот, Ергијдирен рече: „Важна улога, поради што Анталија е прва во светот, имаат големиот број инфраструктурни објекти во градот, квалитетот на плажите и нивното водење.“
Објаснувајќи дека по појавата на епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), за доделувањето сино знаме додадени се епидемиските мерки и критериуми, Ергијдирен продолжи со зборовите:
„Сакаме строго да се следат правилата за епидемија на плажите. Поставивме дополнителни критериуми како што е дистанца помеѓу лежалките, достапност на дезинфекциски средства на влезовите на плажите и чистење на тушевите и тоалетите најмалку на секој половина час.“
Нагласувајќи дека синото знаме е најпознато национално и меѓународно признание за животната средина, Ергијдирен рече дека граѓаните и туристите се свесни за тоа и се грижат за наградените плажи.
Осврнувајќи се на фактот дека плажите мора да исполнуваат 33 критериуми за доделување „сино знаме“, Ергијдирен рече дека апсолутно е задолжително наградените плажи да поседуваат план за управување со животната средина, информации за животната средина, да бидат чисти и да се безбедни.
- Се спроведуваат ненајавени инспекции -
Наведувајќи дека знамето никогаш не било дадено без надзор на плажите, Ергијдирен изјави:
„Правиме увиди на лице место. Преку комисии им ја доставуваме наградата на плажите што ги исполнуваат критериумите. По предавањето на наградата не запираме со контролата. Спроведуваме ненајавени инспекции. Доаѓаат и ревизори на меѓународни организации, тие вршат одделни ревизии. Доколку некои критериуми не се исполнети, привремено го спуштаме синото знаме. Ако зададените критериуми не бидат исполнети во дадениот рок, им ја откажуваме наградата во текот на целата сезона и тоа го објавуваме на нашата веб-страница.“
- Брегот Конјаалти има 10 сини знамиња -
Споменувајќи дека сини знамиња почнале да се виорат и на брегот на Црното Море, Ергијдирен изјави дека за да се добие сино знаме, потребно е сите критериуми да бидат исполнети, особено инвестициите во инфраструктурата мора да бидат многу добри и анализата на водата да е добра во последните 4 години.
Зборувајќи дека рапидно се зголемува бројката на јавните плажи со сино знаме, Ергијдирен истакна дека тоа е благодарение на фактот што и локалната самоуправа придава значење и додаде дека светски познатиот брег Конјаалти во Анталија има 10 плажи со сино знаме.