Volkan Kaşik
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
МАЛАТЈА (AA) - Министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, во врска со собирот што синоќа беше откажан во Германија, каде тој требаше да се обрати, порача дека во Германија повторно се јавуваат старите болести, како и дека оваа земја би требало да се лекува од нив, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг се обрати на собир одржан во источниот турски град Малатја, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања, меѓу останатото и на синоќа откажаниот собир во Германија каде што тој требаше да се обрати.
Според неговите зборови, потегот што синоќа го направиле германските власти е неприфатлив за Турција.
„Многу е јасно дека се работи за одлука којашто е над таа општина.Тоа е една скандалозна одлука и одлука што е во спротивност со дипломатската љубезност“, порача Боздаг и нагласи дека Германија не е земја од која Турција би можела да учи лекција за демократија.
„Нека ја погледнат својата историја. Гледаме дека повторно се јавуваат старите болести и нека се занимаваат со лекување од тие болести. Бидејќи, ако не ги отстранат тие болести, се плашам дека оние што денес во Германија не му допуштаат на турскиот министер за правда да зборува, ќе дојдат во состојба да не можат самите да говорат на својата територија“, рече Бекир Боздаг и додаде:
„Германија стана засолиште за членовите на ПКК, ФЕТО, ДХКП-Џ, како и за сите други кои делуваат против Турција. Таму бегаат пучистите и сите оние што делуваат против Турција“.
Турскиот министер за правда требаше да одржи говор во градот Гагенау, во германската покраина Баден-Вуртемберг, на собир организиран од страна на Унијата на европските турски демократи. Но до тоа не дојде бидејќи собирот е откажан под изговор дека „немало доволно влезови и место за паркинг“.