Abdülhamit Yaşar
21 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
КОНЈА
Велосипедската двојка, која со парите што ги заштедила тргнала на светска турнеја од Велика Британија, застана да направи пауза во Бејшехир во турската област Конја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Адела Морчова (30), државјанка на Чешка, и Британецот Стивен Роситер (31), кои тргнаа на турнеја низ светот на 2 септември, го продолжуваат своето патување во Турција.
Адела, која е здравствен консултант, и Стивен, кој е сервисер на велосипеди, во изјавата за новинарите рекоа дека тргнале на светска турнеја со велосипеди со цел да го истражат светот и да видат нови земји, при што вртејќи ги педалите изминале околу 6.500 километри. Во досегашниот дел од турнејата по посетата на 13 земји пристигнале во Турција.
Адела и Стивен, велат дека особено во зимската сезона, кога има врнежи од снег, велосипедската турнеја им минува многу тешко.
„Немаше многу проблеми додека ги возевме велосипедите, но кога ќе се симневме чувствувавме дека е навистина ладно. Претежно вечерите ги минувавме во шатори, а вреќите за спиење не ни прават проблеми до минус 10 степени. Но ако стане постудено од тоа, принудени сме да престојуваме во хотели.“
Тие раскажаа дека две години штеделе пари за да можат од Британија да тргнат на светска тура. Со заштедата тргнале на патувањето, но програмата им била нарушена поради пандемијата на Ковид-19.
Раскажувајќи дека се дочекани со топлина, гостопримливост и дарежливост од страна на турскиот народ, парот велосипедисти истакна:
„Турскиот народ многу нè изненади. Турција и нејзиниот многу пријателски народ се многу убави, земјата има многу убави места. При нашата турнеја низ Турција ги посетивме историските џамии во Истанбул, го видовме театарот во античкиот град Ефес, го посетивме Памуккале во Денизли. И Бејшехир многу ни се допадна. Би сакале да ѝ се заблагодариме на Кооперативата за ловџиски пушки „Хуглу“, која како домаќин ни го обезбеди сместувањето, и на Мустафа Бујуккафали, претседателот на Здружението за култура и туризам на Бејшехир, кој беше нашиот водич.“