Ayşe Yıldız
13 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
АНТАЛИЈА (АА) – AЈШЕ ЈИЛДИЗ –
Во Анталија, која обезбедува безбедни и здрави туристички услуги согласно мерките за Ковид-19, од Нова година до 10 септември пристигнаа 1.833.903 странски туристи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Анталија, која се истакнува со морето, песокот, сонцето, античките градови, историските градби и природните убавини, е домаќин на туристи од голем број земји.
Во градот, кој е меѓу важните туристички дестинации во светот, динамиката на туризмот започна од месец јули. Во Анталија, каде што се обезбедуваат безбедни и здрави туристички услуги во рамките на „Програмата за сертификација на безбеден туризам“, иницирана за време на епидемијата под координација на Министерството за култура и туризам на Турција, бројот на туристите се зголеми, особено во август и септември.
Во Анталија, главниот град на туризмот, помеѓу 1 јануари и 10 септември пристигнаа 1.833.903 странски туристи. Според земјите од каде што пристигнале туристи, на прво место се наоѓа Русија, а потоа следуваат Украина и Германија.
Членот на Управниот одбор на Агенцијата за туризам и развој на Турција, Џем Кинај, во изјавата за АА рече дека раздвижувањето во туризмот, што започна пред неколку месеци, е многу значајно.
Истакнувајќи дека Програмата за сертификати и кампањата за здрав туризам е важна карактеристика на Турција, со која се одделува од другите земји, Кинај додаде:
„Здравиот туризам беше важен фактор за отворањето на туризмот со Русија, Германија и Велика Британија. Очигледно е дека поради престојот дома со месеци, желбите на луѓето за одмор се многу високи. Во Анталија пристигнаа голем број туристи, особено од Русија, Украина, Германија, Велика Британија и Полска. Нашите хотели беа отворени и подготвени. Дадоа сè од себе за да се усогласат со програмите за сертификати. Раздвижувањето во туризмот ќе продолжи и во следните месеци. Па дури и летната сезона ќе продолжи до ноември и декември.“
Наведувајќи дека Анталија во зима ќе биде значајно место за фудбалските и голф екипите, Кинај додаде: „Бројот на туристи што ја посетија Турција надмина 10 милиони. Во Анталија бројката се доближи на 2 милиона. Ова се значајни бројки во период на пандемијата. Оваа година очекуваме во Турција да пристигнат 15 милиони туристи.“