Aylin Dal
13 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
АНТАЛИЈА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, коментирајќи ги настаните во Источниот Медитеран, изјави дека Турција е за дијалог и за мирни решенија.
„Ние сме за дијалог. Сакаме нашите проблеми, што ги имаме тука, по мирен пат да добијат политички решенија“, рече Акар во разговорот за Агенција Анадолија (АА) во градот Анталија.
Нагласи дека Грција со наоружување на островите дополнително ги зголемува тензиите.
„Кршејќи ги меѓународните договори, Грција вооружи 18 острови. Со тоа доведува до ескалација на тензиите, го уништува меѓусебниот дијалог. Потребно е Грција да го остави настрана секое однесување што дополнително ги зголемува тензиите и провокациите“, рече Акар.
Истакна дека тензиите и провокациите не помагаат никому, а особено не на Грција.
„Грчкиот народ не би требало да се согласува со иницијативите на Макрон и не треба да биде жртва на обидот на Макрон за самоспасување. Јасно е дека политиките на господин Емануел Макрон пропаднаа. Тој се обидува да игра некои улоги за да го прикрие тоа“, додаде тој.
Акар порача дека неговата земја е подготвена да ги продолжи преговорите под покровителство на НАТО.
„Подготвени сме да бидеме домаќини на четвртиот состанок. Нека дојдат. Ние сме во право, нема да се двоумиме за да се сретнеме“, рече Акар, а потоа се осврна на активностите на наменскиот брод „Оруч Реис“, кој спроведува мисија на сондажни истражувања на енергетските ресурси во Источниот Медитеран.
„Во рамките на планот, тој ќе се движи напред-назад. Нема збор за откажување од своите права на тоа подрачје“, рече турскиот министер.
Се осврна и на случувањата во Либија, напоменувајќи дека многу земји немо ги набљудуваат насилството и неправдата во таа земја.
„За жал, многу држави и институции молчат против неправдата во таа земја и немо ги набљудуваат нападите што ги извршуваат единиците на Хафтар“, рече Акар.