Sertaç Bulur,Orhan Onur Gemici
28 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
АНКАРА (AA) – Во операцијата организирана поради измама од страна на припадниците на терористичката организација ФЕТО на стручните испити за прием и напредување во службата на Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Турција приведени се 44 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на 121 припадник на ФЕТО за кои се верува дека се поврзани со неправилности во врска со стручните испити одржани во 2010, 2011, 2012 и 2013 година.
Екипите на Одделот за борба против финансискиот криминал при полицијата во Анкара организираа координирани акции во 33 градови.
Приведени се 44 лица, меѓу кои се и конзуларни службеници.
Меѓу осомничените се и пет лица кои претходно се лишувани од слобода во рамките на истрагата против ФЕТО.
Истовремено, меѓу лицата за чие приведување е издаден налог се наоѓаат и седум службеници кои биле ангажирани во претставништвата на Турција во Русија, Џибути, Белгија, Пакистан, Јапонија, Сомалија и Танзанија.
Од нив, пет лица што дојдоа во Турција, се приведени во акцијата.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Се работи за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување од САД официјално го побара Турција.
Припадниците на терористичката организација ФЕТО, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.