ИСТАНБУЛ (АА) – ЃУЛЧИН КАЗАН ДОГЕР – Во рамките на бојкотот против брендовите за кои е утврдено дека го поддржуваат Израел, во Истанбул, Турција, е отворен првиот бојкот-маркет под името „Слободна Газа“ (Free Gazza), во кој не се продаваат производи поврзани со ционизмот, јавува Анадолу.
Маркетот, кој започна со работа минатиот месец во истанбулската Општина Бејликдузу, предизвика голем интерес кај граѓаните. Менаџерката Наиле Акташ и вработениот Мухамед Инан за АА зборуваа за процесот на отворање и за поддршката што ја добива маркетот.
Акташ истакна дека маркетот „Слободна Газа“ е отворен во период кога повторно се зајакнува свеста за значењето на домашното и националното производство.
„Во моментот кога започна угнетувањето, се запрашавме што може да направиме. Рековме барем да не ги купуваме нивните производи, да им го прекинеме финансискиот прилив. Така се роди идејата за ‘Слободна Газа’, како потсетник за значењето на домашното и националното“, рече таа.

Таа нагласи дека маркетот има многу сопственици.
„Има луѓе што вложија златни прстени, заштеди, сè што имаат. Имаше и такви што рекоа: ‘Што и да имам, сакам да купам удел.’ Некои имаа повеќе пари, некои помалку, но сите дадоа од срце. Овој маркет не е на една личност. Овој маркет е наш заеднички. ‘Слободна Газа’ е маркет на сите што го применуваат бојкотот“, истакна Акташ.
- „Луѓето сега велат: 'Ако она што е мое не се однесува како да ми припаѓа, нема да го купам'“ -
Акташ нагласи дека на рафтовите доминираат домашни производ што, како што рече, е свесен избор.
„Домашен производ значи капитал што му припаѓа на народот и повторно му се враќа. Затоа за нас е важно домашните производи да имаат најголем простор. Ако некој производ не е домашен, но сигурно не поддржува ционизам, на пример, од Италија, тогаш може да се најде кај нас. Но производ поврзан со ционизмот – никогаш“, рече таа.
Таа посочи дека за време на бојкотот некои брендови ги зголемиле цените, што предизвикало дополнителна реакција кај граѓаните.

„Свеста за бојкот кај народот се искачи на повисоко ниво. Луѓето гледаат и велат: ‘Ако бренд што е наш покажува неодговорност, ќе го бојкотирам и него’. Народот вели: ‘Ако тоа што е мое не се однесува како да ми припаѓа, нема да го купам'“, додаде Акташ.
- „Бојкотот е најсилно оружје“ -
Акташ објасни дека името на макретот намерно е на англиски јазик бидејќи целта не е ограничена само на Турција.
„Сега сме само капка, но може да станеме океан. Наша цел е ‘Слободна Газа (Free Gaza)’ да биде разбирливо име за целиот свет и вакви да се отворат насекаде“, рече таа.
Таа порача дека бојкотот е силна општествена алатка.

„Бојкотот е најсилно оружје. На оние што велат: ‘Јас ако го купам, ништо нема да се смени’, им велам – тој оган утре сигурно ќе дојде и до нашите врати. Пред да се случи тоа, мора да ја зајакнеме оваа свест. Бојкотот е наше најсилно оружје“, истакна Акташ.
- „Луѓето велат дека конечно купуваат со мирна совест“ -
Мухамед Инан, кој го води месарскиот оддел во маркетот, истакна дека продаваат исклучително домашни и халал-производи.
„Луѓето се многу задоволни. Велат дека повеќе не мора да истражуваат, туку можат да купуваат со мирна совест. Доаѓаат дури и од Малтепе и Пендик, особено за време на викендите, само за да дадат поддршка – за Газа и за домашните производители“, рече Инан.
Тој додаде дека очекуваат поддршка од сите луѓе што носат човечки вредности како милосрдие и совест.
„Наместо индиректно да се придонесе за смрт на дете, луѓето ќе изберат да поддржат производители и фирми што стојат на страната на човечноста“, нагласи тој.
- „Сфативме колку сме биле опкружени со нивните производи“ -
Една посетителка, која не сакаше да го открие името, изјави дека дошла со внуците.
„Не е лесно секојпат на дете да му објаснувате што е бојкот. Но барем овде може слободно да купуваме. Да ни беше поблиску, ќе доаѓавме многу почесто“, рече таа.
Таа додаде дека настаните во Газа им ја подигнале свеста.
„Сфативме колку сме биле опкружени со нивните производи, колку биле дел од нашите домови без да сме свесни за тоа. Кога слушнавме дека некои брендови им припаѓаат, бевме шокирани. Сега барем се трудиме да не ги купуваме. Тоа е минимум што може да направиме“, рече таа.