Diyar Güldoğan
27 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Денеска официјално беше отворен нов заеднички координативен центар во Истанбул, формиран како дел од историскиот договор за повторно започнување на извозот на украинското жито во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Должност на центарот е да обезбеди безбеден поморски транспорт на жито и слични прехранбени производи што ќе се извезуваат од Украина“, изјави турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, на церемонијата на отворањето, одржано во Националниот универзитет за одбрана во Истанбул.
„Центарот и договорот за жито ќе дадат „значаен придонес“ за надминување на кризата со храна што влијае на целиот свет, а особено на намалување на цените“, додаде тој.

„Доколку овој проблем со житото не се реши, може да предизвика безбедносни проблеми поради гладот и глобалната нередовна миграција“, предупреди Акар.
„Центарот се состои од пет претставници - и воени и цивилни - по еден од Туркије, Русија, Украина и ОН. Нема да има воен елемент на теренот“, рече турскиот министер за национална одбрана.

Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина минатата недела потпишаа договор за повторно отворање на трите украински пристаништа - Одеса, Черноморск и Јужни - за житото со месеци заглавено поради тековната Руско-украинска војна, која веќе влезе во шестиот месец.
Договорот се случи откако беше постигнат општ договор меѓу засегнатите страни за планот предводен од ОН за време на разговорите на 13 јули за формирање координативен центар во Истанбул за да се извршат заеднички инспекции на влезот и излезот од пристаништата и да се осигура безбедноста на рутите.
Акар рече дека центарот ќе го регистрира и следи заминувањето на комерцијалните бродови преку сателит, интернет и други комуникациски средства и ќе ги извршува сите свои активности во координација со страните и ОН.
Тој додаде дека бродовите ќе бидат проверени од заеднички инспекциски тимови на локации кои се сметаат погодни за товарање во украинските пристаништа и по пристигнувањето во пристаништата во Туркије.
Тој нагласи дека договорот ќе важи 120 дена, а ќе биде обновен доколку не се побара поинаку од некоја од страните.
Во врска со деминирањето на украинските пристаништа во Црното Море, Акар рече дека доколку има потреба, страните ќе постапат соодветно, но додаде: „Во оваа фаза нема потреба од деминирање.“
Акар рече дека подготовките за првите бродови кои ќе ги напуштат украинските пристаништа, за кои претходно рече дека треба да започнат наскоро, продолжуваат.
Претходно, портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, рече дека извозот на жито од украинските пристаништа може да продолжи во рок од две недели.