Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
27 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Туркије го осуди нападот врз нејзиниот Генерален конзулат во ирачкиот град Мосул, кој беше извршен денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најостро го осудуваме овој напад, во кој нема информации за жртви и очекуваме одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата што е можно поскоро“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Повикувајќи ги ирачките власти да ја извршат својата одговорност да ги заштитат дипломатските и конзуларните мисии, Анкара објави „ова е тежок и значаен развој на настаните бидејќи овој напад беше извршен за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН одржан на барање на ирачките власти и во време кога нашата земја беше неправедно обвинета и таргетирана.“
„Во оваа пригода уште еднаш го повторуваме нашиот повик до ирачките власти да се фокусираат на борбата против тероризмот и да стават крај на терористичкото присуство на нивната територија што претставува закана за соседните земји и дипломатските мисии“, се додава од турското Министерство за надворешни работи, мислејќи, притоа, на терористичката организација ПКК.
Градот Мосул, поранешна османлиска територија, има големо етничко туркменско население.
Состанокот на Советот за безбедност на ОН беше одржан во врска со фаталниот напад минатата недела во Духок, северен Ирак, за кој Туркије вели дека е дело на терористичката организација ПКК, која често се крие преку границата во северен Ирак, каде планира напади.
Само минатата година голем број цивили и безбедносни сили ги загубија животите или беа повредени во терористичките напади извршени од ПКК во Ирак.
Во нејзината 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, вклучително жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.