Erdoğan Çağatay Zontur,Jeyhun Aliyev
23 Август 2020•Ажурирај: 23 Август 2020
ГИРЕСУН (АА) - Најмалку четири лица ги загубија животите, меѓу кои и еден припадник на жандармеријата, во поплавите предизвикани од поројните врнежи од дожд што ја зафатија турската област на Црното Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, соопшти дека уште 11 лица се пријавени како исчезнати во североисточната област Гиресун.
„Спасени се најмалку 127 лица“, додаде тој.
Претходно, турскиот министер, кој пристигна на местото на поплавите, изјави дека петмина припадници на жандармеријата и оператор на багер исчезнале откако се срушил подземен канал висок 5 метри поради поплавите во регионот.
Продолжуваат напорите за спасување на луѓето заробени во свадбена сала во областа Дерели.
Осврнувајќи се на информациите добиени од државниот завод за метеорологија, Сојлу предупреди дека врнежи од дожд се очекуваат и во текот на денешниот ден во подрачјето на Чанакчи, Гореле и Догантент.
Претходно, гувернерот на Гиресун, Енвер Унлу, за Агенција Анадолија изјави за одреден број блокирани лица кои не се идентификувани, а неколку лица се спасени од страна на екипите.
Тој рече дека напорите да се дојде до оние кои се блокирани поради наносите ќе започнат со првата утринска светлина. Екипите работат на отворање пристап до патиштата, а возилата и тешката опрема чекаат водата да се повлече.
„Поплавите уништија многу возила и објекти во Дерели, додека безбедносните сили се обидуваат да ги потврдат извештаите за исчезнатите лица“, рече тој.
Турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека екипи за спасување се испратени во Гиресун во првите минути од природната непогода.