Başak Akbulut Yazar
19 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамки на истрагата започната во врска со исчезнувањето на новинарот на американскиот весник „Вашингтон пост“ (Washington Post), Саудиецот Џамал Кашоги, по неговото влегување во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, земени се изјави од дел на вработените во Конзулатот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во тек е истрагата што ја поведе Републичкото обвинителство на Истанбул по исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, откако влегол во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Петнаесет турски вработени во Конзулатот беа повикани во Палатата на правдата во Чаглајан, да дадат изјава како сведоци, а меѓу нив се шоферот на конзулот, лицето за техничко одржување, сметководителот и лицето од централа.
Се дознава дека во рамки на истрагата што ја води Канцеларијата за борба против тероризам и организиран криминал при истанбулското Републичко обвинителство, изјавите од вработените во Конзулатот ги зеле повеќе јавни обвинители.
- Случајот „Кашоги“
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“, кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.
Според информациите добиени од безбедносни извори, во исто време кога во Конзулатот влегол новинарот Кашоги на кого му се губи трагата, во зградата на Саудискиот конзулат во Истанбул влегле 15 државјани на Саудиска Арабија, меѓу кои имало и официјални лица. Овие 15 Саудијци во Истанбул пристигнале со два авиона. Истите лица подоцна се вратиле во матичната земја.
Во врска со случајот, формирана е мешовита работна група на Турција и Саудиска Арабија.
Во рамките на истрагата на Истанбулското републичко обвинителство, еден главен судија и еден судија ја координираа истрагата спроведена во објектот на Конзулатот и Резиденцијата на саудискиот генерален конзул, Мухамед ал Отаиби, кој претходно ја напушти Турција.