Ekipa
30 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудискиот обвинител Сауд ал Муџаб, кој престојува во посета на Турција, во рамките на истрагата за убиството на новинарот Џамал Кашоги пристигна во зградата на Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Ал Муџаб вчера допатува во Истанбул и се состана со главниот турски обвинител Ирфан Фидан. По новата средба со неговиот турски колега утрово, тој се упати кон зградата на саудискиот Конзулат во истанбулската населба Левент.

Пред Конзулатот се поставени безбедносни бариери, а тука се наоѓаат и голем број домашни и странски новинари кои ја следат истрагата за убиството на новинарот Кашоги.
Саудискиот новинар и колумнист во весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По неколкунеделно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските власти минатата недела признаа дека новинарот е убиен при наводна расправија во просториите на Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.