Sarp Özer
06 Јуни 2017•Ажурирај: 06 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Заменик-премиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган активно се вклучи во решавање на кризата меѓу Катар и неколкуте арапски земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Претседателот активно се вклучи во решавањето на овој проблем, така што во својство на претседавач со Организацијата за исламска соработка изврши телефонски разговори со голем број претседатели и премиери на исламските, како и на западните земји“, изјави Куртулмуш за новинарите, на паузата од седницата на Владата на Турција во Анкара.
Тој истакна дека е потребно да се вложат напори за што побрзо да се реши споменатата дипломатска криза.
„Се зборува дека се работи за сериозна криза. Потребно е кризата да се реши пред дополнително да се продлабочи. Не треба да се создаваат нови тензии на Блискиот Исток. Турција ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да се реши ова прашање“, изјави Куртулмуш.
Од друга страна, Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател, истакна дека Турција изразува жалење поради одлуката на некои арапски земји да ги прекинат дипломатските односи со Катар и да наметнат санкции кон таа земја.
Да потсетиме, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Бахреин претходно соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски врски со Катар.
Меѓународно признатата Влада во Јемен исто така ги прекина дипломатските односи со Катар, обвинувајќи ја земјата за соработка со шиитското движење Хути, блиско до Иран.
Во меѓувреме, Катар изрази жалење поради одлуката на арапските земји да ги прекинат дипломатските односи поради наводна поддршка на тероризмот. Земјата ги отфрли обвиненијата за тероризам, тврдејќи дека санкциите нема да ја погодат.