АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека конечната цел на Акцискиот план за човекови права е нов и цивилен устав, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган на претставувањето на Акцискиот план за човекови права на Турција во Народниот конгресен и културен центар Баштепе во Анкара истакна дека тој документ е показател на трајната и непресушна волја за промени и реформи.
„Секоја реформа е дело на заедништво на чувства на нашите мислења и на нашиот народ во правец на достигнување на демократија со повисок степен на слобода, инклузивност и разноликост. Таков е и овој Акциски план за човекови права на Турција", порача Ердоган.
Турскиот претседател говорејќи за Акцискиот план, рече дека е подготвен со цел да се спроведува во период од две години.
„Акцискиот план за човекови права е пример дека нашата волја за промени и реформи продолжува и ќе продолжи“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека развиваат мерки за олеснување на стручните активности на новинарите со цел зголемување на стандардите во врска со слободата за изразување и медиуми.
„На вработените од јавниот и приватниот сектор, како и на студентите ќе им се овозможи да одмараат за време на верските празници кои ги слават, без разлика на нивната верска припадност“, рече Ердоган.
Според турскиот претседател, Турција ќе овозможи отворен пристап до одлуките на Народниот правобранител, групите за човекови права и институциите за еднаквост, зачувувајќи ја приватноста на податоците.
Претседателот на Турција нагласи дека според Акцискиот план, турската полиција во секое време може да земе на испрашување, 24 часа на ден, 7 дена во неделата.
„Турција става крај на роковите за дисциплинските истраги во врска со обвиненијата за тортура“, додаде Ердоган.
Во однос на правата на жените и нивната заштита против насилство, Ердоган рече: „Ширум земјата ќе ги прошириме специјалните канцеларии за истраги основани со цел истражување на ефективен начин на злосторствата и насилството врз жените“.
Ердоган се осврна и на Стратегијата на Обединетите нации (ОН) за млади за 2030 година.
„Ги забрзуваме работите за формирање на Центарот за млади на ОН во Истанбул. Посакуваме да дадеме придонес во ефективното спроведување на Стратегијата за млади на ОН за 2030 година“, рече Ердоган.
„На повисоко ниво ги зголемуваме активностите во врска со заштита на децата од дигитални ризици, сајбер-заплашувањето и зависноста од интернетот“, истакна Ердоган, говорејќи за заштита на децата од ризиците на интернет средината.
Во врска со програма во средно образование, Ердоган рече дека ќе бидат вклучени волонтерски активности, со цел, како што појасни, да се зголеми учеството на младите во општествениот демократскиот живот, додека истото ќе го прошират и на универзитетите.
Ердоган се осврна на конечната цел на Акцискиот план за човекови права, нагласувајќи дека конечната цел на овој план е нов и цивилен устав.
„Ги повикуваме сите кои имаат право на глас за иднината на нашата земја да се вклучат во изработката на новиот устав“, порача Ердоган.
Исто така, турскиот претседател истакна дека прават законски измени врз основа на менталитет што ги гледа животните со кои ја делиме природата и животната средина не како добра, туку како живи суштества.
„Законот за заштита на личните податоци ги усогласуваме со стандардите на ЕУ за да ги заштитиме граѓаните“, истакна претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.