Handan Kazancı
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес по повод 19 мај, Денот на младите и спортот, изјави дека неговата земја сега ги собира плодовите од долгогодишните инвестиции во спортот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со гордост ги собираме плодовите од инвестициите во спортот“, изјави Ердоган за време на разговорот со младите луѓе од Турција преку видео конференција, нагласувајќи го значењето на овој празник за целата земја.
19 Мај е пресвртна точка во турската историја, денот кога во 1919 година Мустафа Кемал од Истанбул пристигна во Самсун, турскиот град на Црното Море, со цел да ја започне војната која четири години подоцна ја претвори нацијата во модерна Турција.
Ататурк им го посвети 19 Мај на младите од турската нација како Ден на младоста и спортот - национален празник на кој младите организираат спортски и културни активности низ целата земја.
„19 мај е извор на гордост за нашата нација, полн со славни победи и борби и инспирација за нашите млади“, рече Ердоган.
„Младите во Турција сега го осветлуваат патот во нашата земја во сите сфери на животот“, додаде тој.
Ердоган изјави дека до 2022 година во таа земја ќе бидат отворени 93 студентски домови.
Тој потсети дека турските власти претходните години дале максимална поддршка со цел младите да го искористат сиот свој потенцијал на највисоко ниво.
„Кога дојдовме на власт, тогаш имавме 76 универзитети, а моментално имаме 206 универзитети во 81 област. Имено, сега младите луѓе можат да студираат во својот град и не мораат да одат во другите области за да завршат факултет“, изјави Ердоган.
Денот на младите и спорт се одбележува со разни манифестации во Република Турција, но и во други држави од светот во кои живее турската дијаспора.