Dilara Hamit
20 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
АНКАРА
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, денес ја повика меѓународната заедница да се спротистави на израелскиот план за анектирање на Западниот Брег, јавува Агенција Анадолиј (АА).
„Го одбиваме планот на Израел за анексија на Западниот Брег и го повикуваме светот да се спротистави на тоа. Окупацијата и анексијата претставуваат криминал“, напиша Калин на социјалната мрежа Твитер.
Калин изјави дека Турција ќе ги поддржи сите чекори преземени против окупацијата и анексијата на палестинската земја.
Израел се очекува да ја спроведе анексијата на 1 јули. Планот за анексија е дел од таканаречениот „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше објавен на 28 јануари. Според планот, Ерусалим (Кудс) е неделива престолнина на Израел, а се признава и израелскиот суверенитет над голем дел од Западниот Брег.
Планот предвидува формирање на палестинска држава во форма на архипелаг, поврзан со мостови и тунели.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анектира 30 - 40 отсто од Западниот Брег, и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Планот предизвика големи критики од арапскиот свет и беше отфрлен од Организацијата за исламска соработка (OIC), која ги повика сите земји членки да не се вклучат на кој било начин во овој план или да соработуваат со американската администрација во неговото спроведување во која било форма.