Mehmet Tosun
17 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека е време инфлацијата во земјата да се намали на едноцифрена бројка, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дебатата за каматните стапки е значително намалена, а девизниот курс, исто така се стабилизира. Сега е време повторно да се намали инфлацијата на едноцифрена бројка“, изјави Ердоган во говорот на церемонијата „Вработување на граѓани со попреченост во јавните институции“, одржана во Конгресниот и културен центар „Бештепе“ во Анкара, главниот град на Турција.
Тој посочи дека властите во Турција вложуваат огромни напори за борба против инфлацијата.
„Како што досега ги скршивме сите окови, така ќе ги скршиме и ќе ги отфрлиме од нашата земја оковите на каматите, девизниот курс и инфлацијата“, рече Ердоган.
Тој, исто така, им посака сѐ најдобро во работата на 2.927-те лица со попреченост кои денеска и официјално ќе добијат работа во државните институции.
Со овој проект, бројот на државни службеници со попреченост во јавниот сектор во Турција ќе достигне 66.000.
„Со документот за визија за 2030 година, нашата цел е да обезбедиме нашите граѓани со попреченост да го искористат својот потенцијал на највисоко ниво“, рече Ердоган.
Тој потсети дека имало само 5.777 државни службеници со попреченост во јавниот сектор во Турција кога Партија на правдата и развојот (АК Партија) дојде на власт пред две децении.
Посочи дека во изминатиот период со вработувањето во јавните установи им овозможиле на лицата со попреченост да живеат од својата работа и да придонесуваат за развојот на државата и општествената заедница.