Zafer Fatih Beyaz
16 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе донира 30.000 дози вакцини против Ковид-19 на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние ќе испратиме 30.000 дози вакцини против Ковид-19 во Босна и Херцеговина“, рече Ердоган по состанокот со членовите на Претседателството на БиХ кои престојуваат во официјална посета на Анкара.
Тој напомена дека е многу важно да се продолжи со понатамошно развивање на економските односи меѓу двете земји.
„Нашата цел е да го зголемиме обемот на трговска размена меѓу Босна и Херцеговина и Турција на една милијарда долари“, рече турскиот претседател.
Коментирајќи го обновувањето на дипломатските односи меѓу Турција и Египет, Ердоган истакна дека Турција нема проблем со народот на Египет.
„Египетскиот народ не е против нас“, нагласи турскиот претседател.
Тој се осврна и на случувањата во Источниот Медитеран, изразувајќи надеж дека тоа прашање ќе биде решено.
„Турција таму има позиција на донесувач на одлуки и да се надеваме дека тој процес ќе биде решен по нормален пат. Преданоста на Турција по тоа прашање продолжува. Значи, нема збор за тоа да правиме отстапки“, рече Ердоган.
Претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ престојуваат во официјална посета на Турција.
За време на нивната посета на Анкара, членовите на Претседателството на БиХ се состанаа и со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.
Официјалните претставници на Босна и Херцеговина и на Турција денес во текот на официјалната посета потпишаа договори за соработка во инфраструктурни и градежни проекти и за заемно признавање и размена на возачки дозволи, како и меморандум за соработка во промоција на инвестициите.