İsmail Özdemir
05 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговараше со претседателот на Франција Емануел Макрон за актуелната ситуација во Сирија која е зафатена од војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција Ердоган ја искористил можноста на својот франсуски колега Макрон да му пренесе информации за посетата на африканските земји што ги оствари изминатите денови, но главна тема на разговорот била ситуацијата во Сирија.
Од канцеларијата на турскиот претседател соопштуваат дека Ердоган и Макрон се согласиле за неопходноста за продолжување на дипломатските контакти во правец на итна имплементација на последната резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации која предвидува воспоставување едномесечно примирје во Сирија, доставување хуманитарна помош и евакуација на тешко болните и ранетите од Источна Гута која е под контрола на опозицијата.
Претседателот Ердоган го потсетил Макрон дека во почетокот на април, во Истанбул ќе се одржи нов Самит на лидерите на Турција, Русија и Иран за Сирија и дека тоа ќе го интензивира и мировниот процес што во Женева се води под закрилото на ОН.
Ердоган на Макрон му рекол дека операцијата „Маслинова гранка“, што турските сили ја спроведуваат во Африн, за цел има неутрализација на терористите кои претставуваат закана, како за Турција, така и за локалното сириско население во тој регион.