Büşra Nur Çakmak
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека исламофобијата продолжува да се шири како чума во западните земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во видеопораката на Вториот меѓународен форум за медиуми и исламофобија во главниот град Анкара, Ердоган рече дека исламофобијата ги „труе сите сегменти на општеството, од луѓето на улица до политичарите, работниците и државните службеници“.
Тој додаде дека атмосферата на омраза промовирана од неодговорни медиуми негативно влијае на муслиманите како и на милиони луѓе со различни јазици, религии, потекло и култури.
„Срамните дебати во контекст на кризата во Украина ги откриваат опасните димензии на исламофобијата и културниот расизам“, истакна турскиот претседател.
Тој ја осуди дискриминацијата на сите ранливи категории на луѓе во светот, истакнувајќи дека исламофобијата не е прашање само за муслиманите, туку дека треба да биде и за сите луѓе низ светот.
„Во спротивно, ние не можеме да ги спречиме исламофобичните напади [како оние] во Нов Зеланд и Канада во 2021“, предупреди Ердоган.
Нагласи дека заедно со западните политичари, медиумите и државните институции, најголемата одговорност му припаѓа на исламскиот свет и неговите институции.
„Муслиманите мора да реагираат силно, да ги бараат своите права на легитимна основа, да се борат против оваа неправда, незаконитост и дискриминација, која цели кон стотици милиони луѓе заедно со нив“, рече тој.
- „Турција не може да се бори сама против исламофобијата“ -
„Во овој момент, исламофобијата не е проблем само за западните заедници и општества. Како дел од расизмот, исламофобијата е веќе глобален проблем“, посочи директорот за комуникации при турското Претседателсто, Фахретин Алтун.
„Ние не зборуваме за расизам што ги истакнува биолошките разлики, туку всушност тоа е конструкција на културен расизам што се заснова на културни разлики“, додаде тој.
„Исламофобијата може да биде дефинирана како 'доминантна идеологија на 21-от век'“, рече Алтун, додавајќи дека муслиманските заедници се предмет на зголемени исламофобични напади и исламофобични дискурси низ светот.
„Ние гледаме дека исламофобичните случувања се шират и во социјалниот живот и го гледаме тоа во одредени земји. На жените им е забрането да посетуваат настава поради нивната облека и шамијата“, рече Алтун.
„Гледаме дека радикалните десничарски групи ја злоупотребуваат исламофобијата, а низ Европа гледаме процес во кој жените се воздржуваат од носење религиозна облека и дури се плашат да одат до џамиите“, додаде тој.
Порача дека луѓето кои се подложени на исламофобични напади имаат потреба од безбедност и сигурност.
Алтун рече дека дискриминацијата на бегалците врз основа на религијата и културата секогаш ќе се памети, укажувајќи на разликите во третманот на бегалците од Украина и од другите делови на светот како Сирија, Авганистан и африканските земји.
Тој потсети дека турскиот претседател ја води борбата против исламофобијата на секоја меѓународна платформа, честопати истакнувајќи го „барањето исламофобијата да биде прифатена како злосторство против човештвото исто како антисемитизмот“.
„Никогаш нема да дозволиме исламофобијата да се легитимизира или нормализира под маската на слободното изразување и ќе ги продолжиме нашите напори на секоја платформа“, рече тој.
„Исламофобијата не е проблем со кој Турција може да се бори сама. Ние имаме потреба од меѓународна и повеќедимензионална борба против исламофобијата“, додаде Алтун.