10 Март 2019•Ажурирај: 10 Март 2019
ДИЈАБАКИР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека купувањето на рускиот ракетен систем С-400 нема никаква поврзаност со НАТО, борбените авиони Ф-35 или безбедноста на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на собирот на Фондацијата за млади на Турција (TUGVA) во југоисточната област Дијарбакир, турскиот претседател изјави дека Турција се соочува со притисок поради купувањето на С-400.
„Тоа не е поради С-400. Тоа е затоа што Турција презема акции со своја волја во поглед на регионалниот развој, особено за Сирија“, изјави Ердоган.
Тој порача дека е јасно зошто Турција го купува овој ракетен систем и како ќе го користи. Ердоган, исто така изјави дека ова прашање ќе се реши со логика и здрав разум.
САД во петокот предупредија на „тешки последици“, доколку Турција го купи рускиот одбранбен ракетен систем С-400.
Портпаролот на Пентагон, Чарлс Самерс, тогаш изјави дека ваквата постапка би можела да влијае на одговорот за борбените авиони Ф-35 и ракетниот систем „Патриот“.
Тој додаде дека одлуката на Турција да го прифати рускиот одбранбен систем би значела дека можеби не би имале пристап до Патриотите и авионите Ф-35.
„Доколку Турција го земе С-400, ќе дојде до тешки последици во смисла на нашите воени односи со неа и во однос на (системот) Патриот и Ф-35“, изјави Самерс.
Потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај, во четвртокот изјави дека Турција во јули ја очекува првата испорака на одбранбените ракетни системи С-400 кои ги купи од Руската Федерација.
„Република Турција во контекст на ракетните системи С-400 го прави она што е неопходно од аспект на нејзините национални интереси“, изјави Октај.
Тој истакна дека Турција веќе го потпишала договорот со Русија и дека нема да се откаже од купувањето на софистицираните руски системи.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во средата исто така изјави дека официјална Анкара го финализирала договорот за набавка на одбранбените системи С-400. Тој изјави дека наскоро ќе започне заедничкото производство на системот С-400 и дека во иднина ова би можело да се случи и со производството на напредната серија С-500.
Соединетите Американски Држави негодуваа поради тоа и порачаа дека би било подобро доколку Турција ги купи американските одбранбени системи „Патриот“.