Mehmet Tosun
07 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека турскиот борбен авион од хангар ќе излезе во 2023 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надевам дека во 2023 година ќе го извлечеме нашиот национален борбен авион од хангар и ќе го покажеме на целиот свет. Нашиот национален борбен авион, кој ќе го изврши првиот лет во 2025 година, по сите потребни тестирања, ќе го заземе своето место на небото во 2029 година како ударна сила на нашето воено воздухопловство“, изјави Ердоган во обраќањето на церемонијата на претставување на технолошки проекти во комплексот на Турската управа на воздухопловна и вселенска индустрија (TUSAS) во Кахраманказан во главниот турски град Анкара.
Тој, исто така, истакна дека Турција е присутна во секоја технолошка област потребна за напреден развој на одбранбената индустрија.
„Бројот на одбранбени проекти во нашата земја пред 20 години изнесуваше само 62, а денес надминува 750, додека бројот на нашите компании кои работат во оваа област се зголеми од 56 на 1.500. Исто така, турскиот буџет за проекти од одбранбената индустрија се зголеми од 5,5 милијарди на 75 милијарди долари, а годишниот промет на секторот се зголеми од 1 милијарда долари на 10 милијарди долари“, рече Ердоган, додавајќи:
„Сега влегуваме во период во кој ќе дејствуваме многу посистематски и среднорочно во областа на одбранбената индустрија.“
Тој, исто така, истакна дека Турција може многу да се потпре на домашното производство.
„Нема да се согласиме со испорака на производи од странство што можеме сами да ги произведуваме. Развојот и зајакнувањето на нашата одбранбена индустрија ќе продолжи да биде наш приоритет“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека Турција постигнала особен напредок во областа на производството на беспилотни летала.
„Сега сме меѓу трите најдобри земји во светот во производството на беспилотни летала и вооружени дронови. Ние сме и меѓу десетте земји кои можат да дизајнираат, произведуваат и одржуваат воени бродови“, рече турскиот претседател.
07.01.2022 Ердоган: „Сега сме меѓу првите три земји во светот во производството на вооружени дронови“
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган: „Сега сме меѓу првите три земји во светот во производството на вооружени дронови“
Тој рече дека Турција и во наредниот период ќе продолжи да бележи напредок и успех на полето на посветената индустрија.
„Се движиме со огромен национален сензибилитет во оваа област со цел да развиеме и произведеме оружје што го користат нашите војници, полицајци и жандармерија во внатрешните и прекуграничните операции без да се потпираме на никого“, нагласи на крајот Ердоган.