ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, говорејќи за растечкиот проблем со исламофобијата во светот, рече дека не треба да се дозволи Европа да стане концентрационен логор за 35 милиони муслимани кои живеат таму, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше на отворањето на 16. конференција на Парламентарната унија на Организацијата за исламска соработка (ISIPAB) во палатата „Долмабахче“ и по тој повод се осврна на актуелните настани.
Зборувајќи за пандемијата, тој потсети дека Турција доставила помош во 160 земји и 12 меѓународни организации, а вакцини испорачала во 11 земји.
Ердоган зборуваше и за палестинското прашање.
„Борбата за Ал Кудс (Ерусалим) не е само борба на неколку храбри муслимани, туку заедничка борба на целиот муслимански свет“, рече Ердоган, додавајќи: „Ние сме одлучни кога станува збор за чувствителноста на статусот на Источен Ал Кудс (Ерусалим) и „Акса“.“
Тој рече дека е неправедно и бескрупулозно да им се наплаќа на Палестинците денес цената на геноцидот врз Евреите во Европа за време на Втората светска војна.
„Како потомци на предците кои праведно владееле со Ал Кудс 400 години, не сакаме да гледаме крв, солзи и насилство во Палестина“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека патот до траен мир и стабилност лежи во формирањето независна, суверена, територијално интегрирана палестинска држава на границите од 1967 година, со Ал Кудс како главен град.
Посочувајќи на проблемот со миграциската криза, Ердоган рече: „Всушност, земјите како нас, кои се соседи на кризните региони, го носат вистинскиот товар кога станува збор за миграцијата и бегалците, а не гласните западни земји.“
Ердоган рече дека муслиманите денес, покрај проблемите со пандемијата на коронавирусот и хуманитарните кризи, мора да се борат и со проблемот на растечката исламофобија.
„Не можеме да дозволиме, Европа, дом на 35 милиони муслимани од различно потекло, да стане концентрационен логор за нашите браќа“, рече Ердоган.
Кога станува збор за Авганистан, Ердоган рече дека заедничка желба е да се постигне траен мир и стабилност во Авганистан.
„Не смееме да му свртиме грб на авганистанскиот народ“, рече турскиот претседател.
Тој на крајот додаде дека Советот за безбедност на Обединетите нации е разочаран од неисполнувањето на своите обврски во врска со кризата во Сирија.