ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е во контакт со Кина и Русија во врска со вакцината против Ковид-19, додавајќи дека нема никаков проблем и тој лично да биде вакциниран, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во контакт сме со Русија и Кина. Што се однесува до ова прашање, јас лично немам проблем да се вакцинирам“, изјави Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.
Ердоган изјави дека тоа претставува чекор кој треба да се преземе за да се даде пример на нацијата и нагласи дека кога се работи за здравје, треба да се направи сѐ што е потребно.
Во врска со т.н. Резолуција на Франција за признавањето на Нагорно Карабах како независна држава, Ердоган изјави дека Франција ја изгубила својата улога на посредник во рамките на Групата Минск на ОБСЕ.
„Францускиот претседател Макрон претставува проблем за Франција. Со Макрон, Франција поминува низ многу опасно време. Се надевам дека Франција ќе се ослободи од проблемите со Макрон што е можно поскоро“, изјави Ердоган.
Тој исто така се осврна и на изјавата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев против француската Резолуција: „Доколку Франција го сака тоа толку многу, може да го даде Марсеј на Ерменците.“
„Го давам истиот совет до Франција, едноставно“, нагласи Ердоган.
- Ердоган во посета на Азербејџан -
Турскиот претседател изјави дека регионот Нагорно Карабах, кој беше под ерменска окупација 28 години, припаѓа на Азербејџан.
Тој истакна дека во вторник ќе замине во посета на Азербејџан заедно со својата сопруга, Емине Ердоган, каде што ќе присуствуваат на разни свечености.
Азербејџан се подготвува за воена парада на плоштадот „Независност“ во главниот град Баку. На парадата ќе бидат прикажани оклопни возила и друго оружје на ерменската Армија заробено во судирите.
Официјално соопштение во врска со датумот на парадата, сепак, сè уште не е објавено.
Нагорно Карабах е територија која е призната како дел од Азербејџан.
Новите судири на територијата избија на 27 септември и завршија со постигнат Договор за примирје кој беше посредуван од Русија и кој се гледа како победа за Азербејџан.