Muhammed Ali Toruntay,Ferdi Türkten,Enes Kaplan
24 Март 2021•Ажурирај: 25 Март 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, повторно е избран на чело на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија), а во обраќањето на присутните истакна дека Турција решително продолжува да ги реализира целите поставени за иднината, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Спортската сала во Анкара денеска е одржан 7. Редовен конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Партија), а Ердоган со сите 1.428 важечки делегатски гласа повторно е избран за нејзин претседател.
Избрани се и нови состави на партиските органи, вклучувајќи го и Централниот управен одбор (MKYK), кој брои 75, наместо досегашните 50 члена.
Ердоган по објавувањето на резултатите од гласањето се обрати пред присутните, се заблагодари за повторната доверба и најави дека Турција уште порешително ќе го продолжи патот на реализација на развојните цели поставени за иднината.
Тој додаде дека Турција, заедно со Народната алијанса, која ја сочинуваат АК Партијата и Партијата на национално движење (МХП), ќе ги оствари целите зацртани за 2023 година, како и визијата за 2053 година.
„Да не заборавиме дека 2023 година ќе биде година на победа на Народната алијанса. Народната алијанса не е алијанса која настана со потпис на маса, туку со консензус на срцата“, рече Ердоган.
Тој понатаму рече дека Народната алијанса ќе продолжи да ѝ служи на Турција и нејзиниот народ токму како што тоа АК Партијата го прави во изминатите 19 години, од 2002 година кога дојде на власт.
„Повторно ќе покажеме дека на власт не дојдовме да бидеме владетели, туку да им служиме на државата и народот“, порача Ердоган, и додаде дека нема таков проблем кој заедништвото на сите 84 милиони жители во Турција не може да го надмине.