Faruk Zorlu
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган за време на своето обраќање во Националниот конгресен и културен центар Бештепе во Анкара рече дека Турција со своето присуство во Сирија има за цел да им ја врати изгубената слобода на Арапите и Курдите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние ја сметаме безбедноста и мирот на Арапите во Сирија како наша работа. Ние ги гледаме проблемите на Курдите како наши лични проблеми“, истакна Ердоган на свеченоста во Претседателскиот комплекс во главниот град, Анкара.
Турскиот претседател нагласи дека Турција ги смета безбедноста и мирот на Туркмените, исто така, како своја работа.
„Зошто сега сме присутни во Сирија? Да им ја вратиме изгубената слобода на нашите арапски и курдски браќа таму, а не на терористичките организации.“
Ердоган понатаму нагласи дека прашањето во Сирија не е прашање за Арапите, Курдите или Туркмените, туку прашање за слободата и територијалниот интегритет.
„Турција нема да ги остави сириските Курди на милост на терористичката ПКК/ПЈД, како што не ги остави ниту Арапите во рацете на терористичката организација ДЕАШ“, рече тој.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.