Özcan Yıldırım
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека минатогодишното убиство на новинарот Џамал Кашоги е алармантно поради човечката димензија на злосторството и поради искористувањето на начелата на дипломатски имунитет, и изрази уверување дека правдата може да биде задоволена на националните и меѓународните судови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во колумна за весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) наведе дека убиството на Кашоги, со исклучок на терористичките напади од 11 септември, може да се смета за најголем и најконтроверзен настан во 21 век.
„Од нападите на 11 септември, ниту едно случување не претставуваше толкава закана за меѓународниот поредок, ниту пак толку им се противречеше на нормите прифатени од светот, како што беше убиството на Кашоги. Тажниот факт за кој меѓународната заедница мора да размисли е тоа што дури и по една година од тоа убиство имаме ограничени сознанија. Прашањето дали сите детали за убиството на Кашоги ќе бидат расветлени, ќе го одреди начинот на живот на нашите идни генерации“, наведува Ердоган.
Истакнувајќи дека институциите на Турција од првиот ден се залагаат за транспарентност, и дека сите информации за тоа злосторство ги споделија со Саудиска Арабија, Соединетите Американски Држави (САД), Русија, Германија, Франција и Велика Британија, Ердоган рече дека официјална Анкара покренала и иницијатива виновниците за тоа злосторство да се донесат и да се процесуираат во Турција, каде што се случи убиството.
- Ердоган: „Обидот за прикривање на тој случај беше опасен преседан“ -
Турскиот претседател понатаму во колумната наведува дека земјата од почетокот се однесувала во согласност со меѓународните норми и дека се борела тоа злосторство да не стане проблем меѓу двете држави. Тој нагласи дека Турција од почетокот правела дистинкција помеѓу оние кои свирепо го убија Кашоги и саудискиот народ и кралот Селман бин Абдулазиз.
„Нашето големо пријателство не ни е пречка да ја говориме вистината. Напротив, пријател е оној кој го зборува она што боли“, порача Ердоган и додаде дека свирепото убиство и уништувањето на посмртните останки на Кашоги било во интерес на група која се инфилтрирала во државните структури на Саудиска Арабија, а не во интерес на државата и народот.
Тој понатаму порача дека тоа злосторство не е политичка, туку правна тема, и дека верува дека правдата можат да ја задоволат само националните и меѓунардоните судови.
„Исклучително опасен преседан е тоа што убијците патувале со дипломатски пасоши, дипломатска канцеларија претворија во место на злосторство и тоа што првиот дипломат на Саудиска Арабија во Истанбул се обиде да го прикрие случајот. Можеби е уште поопасно тоа што убијците без никаква казна го продолжија животот во нивната земја“, наведува Ердоган.
- Ердоган: „Кој ја потпиша наредбата за убиство на саудискиот новинар?“
Истакнувајќи дека не е тајна дека постојат низа нејаснотии во врска со истражната и судската постапка која се води во Саудиска Арабија во случајот за убиството на Кашоги, Ердоган наведе дека тврдењата за нетранспарентност на процесот, за тајните рочишта и неофицијалното ослободување на обвинетите го загрозуваат имиџот на Саудиска Арабија и не ги исполнуваат очекувањата на меѓународната заедница.
„Не го сакаме тоа за Саудиска Арабија како наш пријател и сојузник. Гледаме дека се прават обиди таа нетранспарентност да се легитимира под плаштот на националната безбедност. Една работа е да ги активирате сите ресурси за изведување на терористи пред лицето на правдата, а друга работа е со предумисла да убивате невини луѓе поради нивните политички ставови“, напиша Ердоган.
Ердоган понатаму наведува дека Турција ветува дека и понатаму ќе вложува максимални напори убиството на Кашоги во целост да се расветли.
Тој порача дека и понатаму ќе ги поставува истите прашања за тоа каде се наоѓа телото на Кашоги, кој ја потпишал наредбата за неговото убиство и кој испратил 15-член тим на убијци со авион во Истанбул.
„Во интерес на Турција и на целото човештво е такво злосторство никогаш да не се повтори. Најдобар начин тоа да го спречиме е виновниците да се казнат. Тоа е нашиот долг кон семејството на Џамал“, заклучи Ердоган.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Деталите за бруталното убиство на саудискиот новинар Кашоги сѐ уште не се расветлени. Турското Обвинителство откри дека тој е брутално задавен по влезот во Конзулатот и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија дополнително признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил Конзулатот, како што првобитно тврдеа. Посмртните останки на Кашоги не се пронајдени.