İlkay Güder
16 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско телефонски разговараа за последните случувања во Ерусалим и Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот на турскиот претседател наведоа дека Ердоган во текот на разговорот истакнал дека е неприфатливо нарушување на статусот на Ерусалим, кој го сметаат за свет град припадниците на трите монотеистички религии.
Истакна дека бруталните напади на беспомошните Палестинци во Газа се крајно срамен чин.
Потсети дека на 18 мај во Истанбул ќе биде одржан вонреден самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС) на кој ќе биде разговарано за последните случувања во Газа.
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско во текот на разговорот изрази длабока загриженост поради последните случувања. Нагласи дека е неприфатливо загрозување на човечките животи и напаѓање на невини луѓе, додавајќи дека меѓународната заедница треба да направи се што е потребно под покровителство на Обединетите нации (ОН) со цел решавање на проблемот.
На крајот истакна дека услов за мир е дводржавно решение според кое Ерусалим би имал специјален статус.
Израелските сили усмртија 62, а ранија најмалку 3.000 Палестинци кои учествува на масовните демонстрации организирани во знак на протест поради преместување на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс) и во знак на сеќавање на Накба (Големата катастрофа).