Турција

Ердоган: Туркије има цел осигурување на мирот во својот регион преку енергична дипломатија

„И покрај сите пречки, ние работиме на изградба на ефективен и инклузивен меѓународен систем за да осигуриме мир, безбедност, стабилност и просперитет“

Gözde Bayar  | 04.07.2024 - Обновена : 05.07.2024
Ердоган: Туркије има цел осигурување на мирот во својот регион преку енергична дипломатија

АНКАРА (АА) - Туркије има цел да го осигури мирот во својот регион и пошироко преку енергична дипломатија заснована врз луѓето и човечките вредности, рече денес претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.

„И покрај сите пречки, ние работиме на изградба на ефективен и инклузивен меѓународен систем за да осигуриме мир, безбедност, стабилност и просперитет“, порача Ердоган од самитот на Шангајската организација за соработка што се одржува во главниот град на Казахстан, Астана.

Ердоган додаде дека урнатините што го покриваат Појасот Газа, под кои лежат телата на над 16.000 невини деца, жртви на речиси деветмесечната израелска офанзива, исто така, се урнатини на меѓународниот систем што го изгуби својот легитимитет бидејќи не успеа да го запре крвопролевањето.

Израел мора да биде запрен и принуден да прифати траен прекин на огнот во Газа, рече турскиот претседател, повикувајќи ги државите да го зголемат притисокот врз израелската администрација.

Непочитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање и гранатирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Газа од 7 октомври 2023 година.

Според здравствени власти на палестинската енклава, оттогаш во израелските бомбардирања и гранатирања врз Газа убиени се 38.000 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 87.400.

Во текот на осум месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, каде што постои блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред почетокот на копнената офанзива врз градот на 6 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.