Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
09 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Туркије ќе испрати жито и други производи во африканските земји на кои им е потребно, доколку почне да пристигнува и руското жито, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи пред новинарите во авионот по неговата тридневна балканска турнеја, Ердоган потсети на изјавата на својот руски колега Владимир Путин, велејќи дека украинското жито се извезува во богатите земји, а не во оние на кои им е потребно.
Тој рече дека ќе се воспостави „систем на најидеален начин“ за испраќање жито и други производи во африканските земји на кои им е потребно, откако и руското жито ќе почне да пристигнува според договорот за испорака на жито склучен во Истанбул.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина на 22 јули потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа во Црното Море, кој беше прекинат од почетокот на Руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.
Ердоган, исто така, рече дека со Путин разговарал за цените на природниот гас и дека има за цел да обезбеди позитивен исход за благосостојбата на турските граѓани.
„Оваа зима нема да биде лесна за Европа“, рече Ердоган, нагласувајќи дека ќе биде исклучително тешка во финансиска смисла.
Во врска со непријателските постапки на Грција, турскиот претседател рече дека Атина постојано се жали во НАТО за Анкара, обидувајќи се да „користи механизми на закана, така што зборуваме на јазик кој го разбираат.“