ИСТАНБУЛ (АА) - Тускиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција се залага за дијалог и праведно решавање на тензиите во Источниот Медитеран и порача дека Турција е способна да спречи какво било наметнување на неморални решенија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган во Истанбул присуствуваше на свеченото отворање на Градската болница „Проф. д-р Сулејман Јалчин“ во Ѓозтепе.
Укажувајќи на големите развојни чекори што Турција ги оствари во изминатиот период на полето на производството, трговијата, извозот, технологијата, одбраната и инфраструктурата, Ердоган рече дека за време на пандемијата на Ковид-19 особено важен се покажа и развојот постигнат во турското здравство.
Досега во Турција отворени се 16 градски болници, а Ердоган рече дека турскиот здравствен систем е стабилен, и покрај растечкиот број новозаразени со коронавирусот.
Тој во оваа пригода ги повика граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки против ширењето на вирусот.
„Неопходно е сите заеднички да го надминеме злото на оваа пандемија за да не дозволиме државата да се удави во потокот откако го преброди морето“, порача Ердоган и додаде дека секој поединец може да им се заблагодари на здравствените работници за трудот и жртвата исклучиво со одговорно почитување на превентивните мерки.
Ердоган најави дека Турција ќе продолжи по својот пат на зачувување на единството и братството на народот и нејзино зајакнување до степен доволен за постигнување на сите цели и планови.
„Политичкото, економското и военото јакнење на Турција е важно и за сите наши пријатели и браќа, бидејќи нашата земја стана нивна надеж. Со божја помош и поддршка на народот ќе ја издигнеме нашата земја на уште повисоко ниво и ќе ја внесеме во редот на десетте најразвиени земји во светот“, рече Ердоган.
Коментирајќи ја актуелната состојба во регионот, со акцент на тензиите во Источниот Медитеран, Ердоган рече дека Турција стана земја со самодоверба која е свесна за својот потенцијал и одлучно чекори напред со јасни цели и визии.
„Ние на сите платформи, состаноци и пораки велиме дека Турција е подготвена на сите видови поделби и решенија на Источниот Медитеран, доколку тие се праведни. Искрени сме во тоа. Проблемот е што овие од друга страна не ги признаваат нашите права и што се обидуваат да се постават над нас“, рече Ердоган.
Тој порача дека тоа не е можно со оваа силна Турција.
„Ќе сфатат дека Турција политички, економски и воено е способна да ги искине и фрли сите неморални карти и документи што ѝ се наметнуваат. Ќе го сфатат тоа на политички и дипломатски јазик или пак тоа ќе го разберат со болното искуство што ги чека на теренот“, рече Ердоган и додаде дека Турција и нејзиниот народ се подготвени за сите опции и исходи.
Грчките власти ги оспоруваат актуелните турски истражување на енергетски ресурси во Турција во Источниот Медитеран и се обидуваат да ја загрозат поморската територија на Турција врз база на спорните тврдења за критериумот за присуството на малите грчки острови во близина на турскиот брег.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, испрати бродови за истражување на енергетските ресуси во рамките на нејзиниот континентален гребен, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во регионот.
Официјална Анкара повикува на безусловен дијалог со цел фер дистрибуција и мирно надминување на тензиите, но исто така вели дека нема да се откаже од своите права и интереси во тој регион.
news_share_descriptionsubscription_contact
