Kemal Karadağ
06 Август 2017•Ажурирај: 06 Август 2017
МАЛАТИЈА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во денешното обраќање пред десетици илјади граѓани по повод отворањето на низа проекти во градот Малатија истакна дека неговата земја ја продолжува борбата против терористичката организација ПКК во рамките на своите граници, но и во соседна Сирија и во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција е под интензивни напади од сите страни. На југ се обидуваат да воспостават терористичка држава. Тие се обидуваат да ја опседнуваат нашата земја со користење на терористичка организација на која постојано ѝ го менуваат името. Сепаратистичката терористичка организација (ПКК), иако помалку отколку порано, и понатаму изведува напади. Ако даде Господ наскоро ќе ја искорениме таа терористичка организација во нашата земја, но терористите нема да ги оставиме на мира, ниту во Сирија ниту во Ирак“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција најави наскоро воведување на идентични униформи за припадниците на терористичката организација ФЕТО, на кои им се суди пред турското правосудство поради обид за државен удар во земјата, на 15 јули минатата година.
Ердоган најави продолжување на акциите во Сирија, започнати со офанзивата „Штитот на Еуфрат“.
„Ќе ги прошириме активностите во Сирија, каде што им забодевме нож во срцето на терористичките структури со офанзивата 'Штитот на Еуфрат', во тоа сме одлучни“, рече турскиот претседател.
Тој изјави дека во моментов најголемо „мочуриште“ како за Турција така и за регионот е хаосот во Сирија и во Ирак. Турскиот претседател истакна дека сите терористички организации, од ДЕАШ до ПКК се хранат од тоа „мочуриште“.