Hatice Şenses Kurukız,Berk Özkan
23 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека турската власт ќе го продолжи процесот на прогрес и на идните генерации државата ќе ја остават посилна на сите полиња, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган присуствуваше на подигањето на големото турско знаме на новоизградениот јарбол Чамлиџа, а церемонијата е организирана по повод денешниот празник Денот на националниот суверенитет и Денот на детето и 101-годишнината од основањето на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM).
„Го молиме Бог нашата земја повеќе никогаш да не ја доведе во ситуација да води нова војна за независност и да пишува нова химна“, изјави Ердоган, и додаде дека Турција ќе продолжи да ги остварува развојните цели зацртани за 2023 година и јубилејната 100-годишнина од основањето на Републиката.
Тој истакна дека и понатаму постојат оние кои имаат намери за поделба на територијата на Турција, без оглед што методите на тие кругови се промениле, и додаде дека плод на истите валкани сценарија биле сите пучистички, терористички и економски напади со кои Турција се соочуваше.
„Ние веќе 19 години водиме борба со цел остварување на целите за 2023 година. Уверени сме дека нашите деца ќе ја преземат визијата за 2053 година и ќе направат исчекори понатаму“, порача Ердоган.
Укажувајќи на новоизградената импозантна Џамија „Голема Чамлиџа“, Ердоган изјави дека е исчистена и околината на тој истанбулски рид и дека се отстранети сите антени кои ја загадувале таа средина.
„Ова се вика зачувување на животната средина. На Чамлиџа изградивме џамија, РТВ-кула и сега на 111 метри висок јарбол го дигаме најголемото знаме во Турција. Речиси илјада метри квадратни големо знаме му дава целосно нов изглед на ова место“, изјави Ердоган.
Јарболот на истанбулскиот рид Чамлиџа е изграден со проектот на Министерството за транспорт и инфраструктура. Поставувањето на столбот висок 111 метри започна на 31 јануари оваа година. Пречникот на јарболот на земјата е 335 сантиметри, а на врвот, 75 сантиметри.
Новопоставениот висок јарбол и големото знаме се гледаат од поголемите делови на Истанбул и додатно ја разубавуваат панорамата на градот на Босфорот.