Sinan Uslu
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател и челник на Партијата за правда и развој (АК Партија), Реџеп Таип Ердоган, изјави дека одлучно ќе биде продолжена борбата против терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како што без компромис и одлучно ја водиме борбата против останатите терористички организации, така ќе го следиме и ФЕТО додека и последниот член не биде неутрализиран“, изјави Ердоган во обраќањето пред парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК Партија).
Тој им порача на оние кои го искористуваат народот под плаштот на верата, дека нема да го дозволи тоа што го прават.
„Нека го знаат сите тоа“, изјави Ердоган.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), го организираа неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а повредени беа 2.734 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на своите приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Турскиот претседател ја поздрави поддршката на Партијата на национално движење (МХП), со која ја сочинува Народната алијанса, во борбата против тероризмот.
Ердоган рече дека освен нив нема друг политички кадар, чија цел е да им остави голема и силна Турција на идните генерации.
„Ова е единствената политичка структура што може да ја гради иднината на Турција, како и сегашноста“, рече Ердоган.